Предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри поставени на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) ќе ја збришат целата стопанска гранка, апелираат приредувачите на игри на среќа во земјава и упатуваат на несогледливите последици со кои ќе се соочи државата.
Од оваа стопанска гранка во земјава директно егзистираат повеќе од 8.000 семејства, а индиректно повеќе од 50.000 во други стопански гранки. Ако се имплементираат законските измени кои се однесуваат на растојанието од 500 м на деловните објекти на приредувачите на игри на среќа од образовните институции, тие ќе треба да стават клуч на врата. Со тоа, се брише една стопанска гранка која сама по себе има силен социо-економски придонес во државата, а неизбежно ќе се случи домино ефект врз целото стопанство, укажуваат приредувачите на игрите на среќа. Велат, ако се затворат нивните деловни објекти, тоа ќе предизвика силен удар и врз сите останати гранки во целиот синџир на вредности – наем на простор, мебел, ИТ опрема, софтверски решенија и уште низа други.
Минатата недела во соопштение за медиуми, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) изнесе категоричен став дека, за нив, одалечувањето на деловните објекти е целосно неприфатливо. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од образовните институции значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места и гасење на целата гранка, посочија од АСОМ.
Во повеќе наврати до сега, приредувачите на игри на среќа укажуваат дека законското решение кое се предлага би можело да има несогледливи последици врз, и така кревката, економија која е силно погодена од ковид-кризата.\
Предупредуваат дека државната каса би останала покуса за повеќе од 250 милиони евра кои приредувачите годишно ги уплаќаат во буџетот и велат дека гасење на оваа стопанска гранка која значајно придонесува кон економската стабилност на државата во било кое време, а особено сега во време на најголема криза, е несфатливо и неприфатливо за никого.