Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница потенцираше дека измените на законот за патни исправи е неопходно затоа што е прекршено уставно загарантираното право на граѓанинот на слободно движење.
-Со предложените измени на Законот за патните исправи на државјаните на РМ се врши продолжување на рокот за усогласување на патните исправи односно одложување на одредбата на Законот за патни исправи на државјаните на Република Македонија која предвидува дека патните исправи кои го содржат натписот Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење и е наведена на патната исправа најдоцна до 12.02.2024. Изменувањето на законот е неопходно затоа што е прекршено уставно загарантираното право на граѓанинот на слободно движење односно слободата на движење е утврдена во членот 27 став 2 од Уставот на Република Македонија каде што вели дека секој граѓанин има право да ја напушти територијата на републиката и да се врати во републиката. Дополнително слободата на движење е загарантирана и со сите релевантни меѓународни документи и акти за човековите права како што е членот 2 став 2 од протоколот 4 на Европската конвенција за човекови права. Членот 12 од Меѓународниот пакт за граѓански-политички права, членот 13 од Универзалната декларација за човекови права, сите од наведените само потврдуваат дека слободата на движење и правото на граѓаните слободно да ја напуштат земјата и да се вратат во својата земја е основно и неприкосновено право на човекот, рече Мицевски.
Мицевски во текот на своето обраќање објасни дека законот за патни исправи требало да се смени истиот ден кога се сменил законот кој се однесуваше на возачките дозволи.
-Поради постоењето на објективната неможност за спроведување на техничкото усогласување, а заради непостоење на услови за производство и пуштање во употреба на сите патни исправи на граѓаните предвиденото решение во овој закон е идентично како и во законот за безбедноста на сообраќајот односно законот кој што го донесовме пред две недели, а се однесуваше на возачките дозволи. Доколку се повикувате на членот 118 од уставот тој не се однесува за конкретниот предлог на закон од причина што со овој закон не се менува меѓународниот договор, туку се менува законот за патни исправи. Од една страна ваквиот изговор односно дека членот 118 се прекршува не ви држи затоа што веќе е прекршен со донесувањето на измените на законот за безбедност во сообраќајот, а од друга страна овој изговор нема апсолутно никаква правна одлука и писменост, затоа што не се издадени сите патни исправи навреме поради реална и објективна неможност да се издадат сите овие патни исправи во предвидениот рок, а законот го донесовме на 12.02.2024 и можеше да се донесе истиот ден и ова законско решение, пак ќе напоменам како што се и донесе законот за возачките дозволи, кажа тој.
-Ве уверувам дека со сигурност дека ќе следат тужби за надомест на штета против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а поради прекршување на уставното право на граѓаните и прекршување на човековите права според Европската конвенција за човекови права. За таа цел согласно членот 68 став 2 на законот за изменување на патните исправи на државјаните на Република Македонија бараме овој закон да биде донесен по итна постапка. Очекувам на разум од колегите пратеници дека ќе го изгласаме ова во интерес на граѓаните.