Откако го посети рудникот САСА, претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азевски го посети и рудникот Бучим во Радовиш.
Азевски истакна дека добил позитивен впечаток од остварените средби и нагласи дека е изненаден од нивниот сеиозен пристап да останат на нашиот пазар во наредните 20-30 години. Тој исто така нагласи дека како САСА, така и Бучим, кој брои околу 700 вработени е значаен потенцијал за нас, бидејќи покрај другото врши подучување на својот кадар, користи современи машини кои им се потребни за нивното работење и претставува пример за тоа како се создава профит.
„САСА и Бучим се сериозни извозни компании во Република Македонија и многу сериозни играчи во тој дел од македонската економија. Исто така тие се водечки компании во источниот регион и водечки извозни компании во целата земја“, вели Азевски и нагласи дека е начната темата за проширување на нивното производство.
Тој исто така додаде дека САСА и Бучим се два водечки сегменти во оваа дејност во Македонија, и дека истите се субјекти на кои што македонската економија може да смета во наредниот период, кога станува збор за порастот на БДП-то и зголемувањето на извозот.
Заменик директорот на рудникот Бучим, Николајчо Николов потенцираше дека и покрај тоа што 2013 година е дефинирана како кризна, истата била навистина успешна за рудникот.
„Рудникот Бучим работи од 1979 година, а 2013 и покрај кризата беше една од најуспешните години за неговото работење. Минатата година е остварено производство на 9.200 тони бакар преку бакарниот концентрат“, вели Николов.
Покрај бакарот, количината на злато минатата година била 400 килограми, што е на завидно ниво, иако во минатото имало години кои бележеле и поголема количина.
Николов исто така потенцираше дека од 2012 година пуштена е во употреба и новата фабрика за лужење.
Најава за ископување на руда на локалитетот Боров дол
„Во Бучим има утврдено резерви за работење на комбинатот до 2019-2020 година, кога завршува експлоатацијата на рудата во овој регион“, вели Николов, но, нагласи дека се вршат истражувања на локалитетот Боров дол, а се предвидува ископувањето на руда да започне во 2019 година.
Заштитата на животната средина е приоритет во работењето на Бучим, при што веќе се видливи и резултатите од реализирањето на проектот за прочистување на отпадните води од Бучимски и Јасенов Дол, со што се завршува, односно е решено таканареченото историско загадување. Водите во околните реки се потполно чисти и во нив по долги години, повторно се враќаат рибите.