Изминатата недела, царинските службеници спречија три обиди за шверц на 52 луксузни мобилни телефони iPHONE 6 и HUAWEI ASCEND P7 и HUAWEI HONOR X1.
Во првиот случај, на граничниот премин Деве Баир на 19.10.2014 год. околу 13:30 часот на влез од Македонија се пријави патничко моторно возило со косовски регистарски таблички, во кое патуваa двајца сопружници – косовски државјани, на релација од Бугарија преку Македонија до Косово. При претрес и прегледот на возилото царинските службеници открија сокриени 42 мобилни телефони iPHONE 6 со слушалки, полнач и кабел за полнач, кои пријавените ги сокриле на различни места во возилото: под патосницата пред совозачкото седиште, во пластичната фиоката под совозачкото седиште, во фиоката пред совозачкото седиште, во наслонот за рака помеѓу возачкото и совозачкото седиште и под возачкото седиште. Вкупната вредност на криумчарената стока изнесува околу 1 милион денари.
Во текот на службениот разговор, прекршителите изјавиле дека ги купиле во Софија и имале намера да ги продаваат во Приштина.
Против осомничените е поднесена кривична пријава заради постоење на основано сомнение дека сторилe кривично дело „криумчарење“.
Во други два случаи на скопскиот аеродром Александар Велики, откриени се и запленети 10 мобилни телефони и 2 полначи зо мобилни телефони, при контрола на патните торби на еден шведски државјанин кој допатувал со лет од Гетеборг, кај кого биле пронајдени 5 мобилни телефони iPhone 6, и 5 мобилни телефони HUAWEI ASCEND P7 и HUAWEI HONOR X1 и 2 полначи SMART 6000H кај кинески државјанин, кој допатувал со лет од Истанбул.
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија и 2 измами и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, текстил, облека, алкохолни пијалоци, прехранбени производи, цигари, нафта, козметички производи, гасен пиштол и фалсификати. Задржана е следната стока:
Околу 20 илјади евра
– 9.100 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат при личен претрес на македонски државјанин, кој како патник во патничко возило со македонски регистарски таблички се пријави за излез од државата. Во џебовите од неговите долни тренерки и внатрешен џеб од неговата јакна, пронајдени се вкупно 11.100 евра, за кои не поседувал документ за потекло.
– 5.550 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики при личен претрес на македонски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Гетеборг. Патникот пријави дека со себе носи 2.000 евра, но при личен претрес, во џебовите на неговите панталони и палтото пронајдени се уште 5.550 евра за кои не поседувал документи за потекло.
– 5.500 евра, откриени кај двајца патници, македонски државјани, кои како пешаци се пријавиле за излез од државата, на граничниот премин Блато. При заедничка контрола со полициските службеници од граничниот премин, кај едниот патник се пронајдени 5.500 евра, а кај вториот 4.000 евра, за кои не поседувале документи за потекло.
Во сите случаи, на патниците име се вратени по 2.000 евра, износ што резиденти може слободно да го изнесат од државата.
Алкохол и цигари
– 90 литри сливова ракија и 91 кг производи од животински потекло, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Блаце, при контрола на едно патничко возило и еден автобус пријавени за влез во државата.Во првиот случај, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, под предните седишта и во просторот наменет за резервна гума во багажникот на возилото, пронајдени се 70 кг свежо телешко месо и 21 кг говедска пршута. Согласно законските прописи, во патнички промет е дозволено внесување на најмногу 1 кг производи од животинско потекло. Во вториот случај, при контрола на автобус со српски регистарски таблички, што сообраќал на релација Нови Пазар – Скопје, во четири торби, сместени во багажниот простор на автобусот пронајдени се 90 литри сливова ракија (бела и жолта) со српски акцизни маркички. Непријавената ракија била сопственост на српски државјанин, патник во автобусот.
– 60 литри Водка Корона 0,5 l и 4,5 литри коњак Armenian Mane 0,5 l без акцизни маркички, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од германски државјанин, пријавено за влез во државата. Возилото било сопрено од страна на мобилните полициски единици, на автопатот до самите шпедиции, во близина на граничниот премин, по што било вратено за царинска контрола. По извршената детална контрола, под и зад седиштето на возачот и во багажникот, покриени со картони и личен багаж пронајдени се непријавените производи.
– 58 штеки цигари од марките MONTE CARLO, PALL MALL 100S и 57-100S, сите со македонски акцизни маркички, откриени на на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавените цигари биле сокриени во просторот околу моторот, во фиоката за документи и во фабричките прегради под седиштата и под патосниците на возилото.
Прехранбени производи
– 100 кг маслинки каламата, откриени на царинската испостава Гевгелија при детален преглед на стока пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје. Увозникот не ја опфатил стоката со приложената царинска декларација и не поседувал Согласност/Решение за увоз на пратка со храна, производи и материјали кои доаѓаат во контакт со храна.
– 90 литри маслиново масло, 76 килограми зачин-буковец и 75 килограми суви смокви, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во просторот помеѓу предните и задните седишта, како и во багажникот на возилото, покриени со кеси со кебиња.
Останато
– 3.420 козметички производи (моливи за очи и кармини), откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата.
Непријавените производи се пронајдени во личните торби на патникот, покриени со лична облека, под предните седишта и во фиоката за документи на возилото.
– 120 литри дизел гориво, откриено на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавеното гориво е пронајдено во шест пластични туби, сместени на горниот кревет и позади совозачкото седиште, во кабината на возилото.
– 4 нови гуми BRIDGESTONE, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на празно товарнo моторнo возилo со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените гуми се пронајдени во кабината и во товарниот дел на возилото.
– 1 гасен пиштол EKOL P 29 калибар 9 мм P.A.K. со рамка со 5 куршуми, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир.
Репроматеријали, облека и модни додатоци
– 2.189 м2 памучна ткаенина, откриени од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Штип, при контрола на фирма од Штип – имател на одобрение за постапки со економски ефект – привремен увоз за облагородување. Памучната ткаенина, што не била евидентирана во книговодствената евиденција и нема доказ дека се платени царинските давачки, е пронајдена во производните погони на фирмата.
– 43 пара фармерки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со црногорски регистарски, извршена на патниот правец Скопје-Велес . Стоката, за која возачот, црногорски државјанин не поседувал документи за потекло и платени царински давачки, е пронајдена во багажниот простор и на задното седиште на возилото. Покрај тоа на возачот му е и изречена мандатна казна заради тоа што возилото престојувало на територијата на Македонија подолго од 6 месеци во текот на една календарска година.
– 41 готови текстилни производи (тренерки, блузи и хеланки), откриени на граничниот премин Ново Село, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во фабрички празнини и под патосниците на возилото.
– 33 луксузни женски ташни и 26 рачни часовници од марките, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на македонски државјанин со место на живеење во Шведска, кој имал намера да отпатува со лет од Гетеборг.
– 1.410 чорапи и хеланки, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во задното седиште, во просторот под предните седишта и во просторот наменет за резервна гума во багажниот простор на возилото.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 1.397 технички и текстилни производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со техничка стока со потекло од Турција, пријавено за влез во државата на граничниот преми Богородица, пронајдени се 1.319 технички производи (греалки, аспиратори и решоа) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки. Стоката била наменета за фирма увозник од Скопје.
Во вториот случај, кај патарината Петровец во близината на Скопје, за царинска контрола било сопрено патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, во кое биле пронајдени 78 готови текстилни производи (долни тренерки и дуксери) со ознаки на повеќе заштитени трговски марки.
– 1 мобилен телефон со ознаки на заштитена тргоска марка, откриен на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на пратка од Холандија, наменета за физичко лице од Берово.
– 67 модни додатоци-бижутерија (обетки, прстени и синџирчиња) со ознаки на заштитена трговска марка, откриени на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на стока со потекла од Кина, пријавена за увозно царинење за фирма од Струмица.
– 18.144 сапуни и 5.130 литри средства за чистење, со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Скопје 2, при контрола на стока со потекло од Романија, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.
Марихуана
На граничниот премин Свети Наум е откриен обид за криумчарење на околу 4 грама марихуана.
При личен претрес на американски државјанин, кој со патничко возило со албански регистарски таблички, управувано од албански државјанин, се пријавил за влез во државата, кај него биле пронајдени околу 4 грама зелена тревкаста материја, за која првичното тестирање покажало дека се работи за марихуана. Случајот е предаден на Министерството за внатрешни работи, за понатамошна постапка.
Измама
Во текот на минатата недела се откриени две царински измами, едната од Службата за надзор на иматели на одобренија (СНИО) при царинарница Куманово, а другата на царинската испостава Штип, при што се пресметани дополнителни давачки во износ од околу 150 илјади денари.
Во првиот случај, при контрола на фирма од Скопје-имател на одобрение за постапка со економски ефект – увоз за облагородување со систем одложено плаќање, царинските службеници од СНИО при царинарница Куманово констатирале дека во магацинот за основен материјал недостигаат од 175,968 м2 говедска кожа и 551,072 м2 природна постава, со вкупна вредност од околу 250 илјади денари. На тој начин имателот на одобрение постапил со стоката како да е пуштена во слободен промет иако не биле спроведени пропишаните царински формалности не биле платени увозните давачки.
Против правното лице е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка и барање за дополнителна наплата на увозни давачки во износ од околу 83 илјади денари.
Во вториот случај, на царинската испостава Штип, во поедноставена постапка на локално царинење, фирма од Кочани пријавила за извоз готови текстилни производи, претходно увезени во постапка на увоз за облагородување. При контрола на стоката е утврден недостаток на 789 готови текстилни производи, со што извозникот се обидел фиктивно да раздолжи увоз за облагородување и на тој начин да избегне плаќање увозни давачки во износ од околу 67 илјади денари.
За избегнатите давачки е изготвена пресметка за наплата на истите а против сторителот е поведена прекршочна постапка.