Изненадувачката изјава на Пахор: Можно е БиХ да добие кандидатски статус до крајот на неделата

Претседателот на Словенија, Борут Пахор денеска во Белград по средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека има доволно политичка волја во регионот за зачувување на европската перспектива на Западен Балкан и стабилноста.

-Војната во Украина не помага за мирот и стабилноста на Западен Балкан, но и Вучиќ и јас се согласуваме дека на Западен Балкан, без оглед на сите недоверби и билатерални проблеми, има доволно политичка волја да се зачува мирот и европската перспектива, рече Пахор.

Тој изјави дека мисли дека постои можност сите лидери од регионот да се договорат за три централни прашања.

-Првата работа е Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија да ги забрзаат преговорите за влез во ЕУ, Босна и Херцеговина да добие кандидатски статус до крајот на неделата, а ЕУ да ја исполни својата обврска за визна либерализација, рече тој.

Пахор изјави дека го загрижува фактот што нивото на доверба во дијалогот меѓу Белград и Приштина е пониско од претходно и дека дијалогот не довел до решението кое сите го посакувале.

-Мислам дека проектот „Отворен Балкан“ е создаден така што некои работи, доколку му се приклучат Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, проблемите што сега изгледаат нерешливи би можеле полесно да се решат во духот на соработката, рече тој.

На прашањето за ставот на Србија за санкциите што ЕУ ги воведе кон Русија, тој одговори дека смета дека доколку има сигурна европска иднина пред Белград, повеќе ќе размислува за санкции, а не само за осуда на војната во Украина.

-Не ја поддржувам одлуката на претседателот на Србија да не воведува санкции кон Русија, но можам да ја разберам неговата одлука. Мислам дека поголема и порешителна волја на Брисел за побрзо вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ би придонела на таа одлука, рече тој.