Изнесен е предлог за потрошувачката што треба да спречи затворање на американската влада

По неколкудневно одложување, лидерите во американскиот Конгрес рано во четвртокот открија договор за пакет трошоци од 1,2 трилиони долари за одбраната, внатрешната безбедност и други програми, давајќи им на пратениците помалку од два дена да спречат делумно затворање на владата.

Претставничкиот дом под контрола на републиканците ќе гласа за големиот законодавен пакет во петок, а Сенатот во кој доминираат демократите ќе има само неколку часа да усвои пакет од шест нацрт-закони кои покриваат околу две третини од дискреционите владини трошења од 1,66 трилиони долари за фискалната година која започна на 1-ви октомври.

Водачот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, ги повика своите колеги сенатори веднаш да се зафатат штом предлог-законот ќе стигне до нив од Претставничкиот дом.

Од почетокот на фискалната година на 1-ви октомври, Конгресот мораше да донесе четири привремени нацрт-закони за финансирање за да спречи затворање на владата поради нерешени спорови околу буџетските приоритети.

„Штом Домот ќе го заврши својот дел, Сенатот ќе има потреба од двопартиска соработка за да го усвои пред крајниот рок во петок и да избегне затворање на владата“, рече Шумер во говорот во Сенатот.

Канцеларијата за буџет на Конгресот предупреди дека дефицитот и долгот на САД значително ќе пораснат во следните 30 години, предвидувајќи дека националниот долг од 34,5 трилиони долари, сега околу 99 отсто од брито домашниот производ (БДП), може да се зголеми на 166 отсто од БДП-то до 2054 година.

Рејтинг агенциите предупредуваат дека постојаното одложување на Конгресот може да му наштети на кредитниот рејтинг на владата.

Тесниот рок го зголеми ризикот од барем кратко делумно затворање на владата по крајниот рок на полноќ во петокот. Секој сенатор може да покрене процедурални пречки за да го забави конечното усвојување на нацрт-законот кој е состаен на повеќе од илјада страници.

„Нема да има време да се прочита текстот, да се провери…, да се дебатира и да се изнесат амандмани за подобрување на законот“, рече конзервативниот републикански сенатор Мајк Ли, критикувајќи го нацрт-законот.

Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон ја истакна серијата победи на републиканците, од повеќе трошоци за одбраната и безбедноста на границите до кратења на финансирањето на главната агенција на Обединетите нации која обезбедува хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа.

Демократите истакнаа дека блокирале некои републикански намалувања и политички мерки и се пофалија со парите насочени кон намалување на трошоците за детска грижа, поддршка на малите бизниси и борба против дрогата фентанил.