Во Домот на култура „Илинден“ се одржа Втората работилница во рамките на Стратегијата за локален економски развој, со цел изработка на Стратешки план за развој на општина Илинден 2022-2026 година.
Посакувајќи им искрено добредојде на присутните учесници на работилницата, градоначалникот м-р Александар Георгиевски истакна дека oпштина Илинден е динамична општина со голем развој и интензитет, и токму затоа е потребно и од големо значење заеднички сите чинители во локалната заедница да придонесат за уште побрз, поинтезивен и поквалитетен рамномерен развој во сите населени места во Општината.
– Убеден сум дека преку вакви работилници со заедничко залагање и лично вложување ќе дадеме свој придонес во дефинирањето на конкретни цели и проекти коишто ќе бидат од суштинско значење како за граѓаните на општина Илинден така и за развој на локалната бизнис клима и претприемништвото. Токму со дефинирањето на конкретните цели и проекти и нивно интегрирање во новиот Стратешки план за развој на општина Илинден 2022-2026, ќе ги дефинираме насоките и ќе се воспостави патоказ за развој на нашата локална заедница во наредните 5 години, истакна градоначалникот Георгиевски.
На работилницата, присутните претставници од бизнис секторот, членови на Советот на општина Илинден, претставници на општинската администрација, на јавни институции, како и градоначалници на соседните општини беа запознаени со методологијата и процесот на изработка на Стратешкиот план. Во дискусијата што се разви по тој повод, беа генерирани повеќе предлози за квалитетно дополнување на содржината на Стратешкиот план за развој на општина Илинден 2022-2026 година.