Израел ја осуди хашката пресуда

По пресудата на Меѓународниот суд на правдата, со која се наметнати привремени мерки против Израел, израелските власти ја отфрлија пресудата како антисемитизам.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како одговор на пресудата изјави: „Посветеноста на Израел кон меѓународното право е непоколеблива. Подеднакво непоколеблива е нашата света заложба да продолжиме да ја браниме нашата земја и да го браниме нашиот народ. Како и секоја земја, Израел има вродено право да се брани“.

„Гласниот обид да му се ускрати на Израел ова основно право е бесрамна дискриминација на еврејската држава, и тоа беше праведно отфрлено. Обвинението за геноцид изнесено против Израел не само што е лажно, туку е срамно, и пристојните луѓе насекаде треба да го отфрлат“.

„Израел ќе продолжи да се брани од Хамас, геноцидна терористичка организација. На 7-ми октомври Хамас ги изврши најужасните злосторства врз еврејскиот народ од холокаустот, и вети дека ќе ги повторува овие злосторства повторно и повторно и повторно.

„Нашата војна е против терористите на Хамас, а не против палестинските цивили. Ќе продолжиме да ја олеснуваме хуманитарната помош и да правиме сѐ од себе за да ги држиме цивилите надвор од опасност, иако Хамас ги користи цивилите како жив штит“.

„Ние ќе продолжиме да го правиме она што е потребно за да ја одбраниме нашата земја и да го браниме нашиот народ“.

Министерството за надворешни работи објави соопштение во кое ги негира обвиненијата: „Обвинението за геноцид изнесено против Израел пред Меѓународниот суд на правдата е лажно и навредливо. Тоа претставува срамна експлоатација на Конвенцијата за геноцид која не само што е целосно неоснована во фактите и законите, морално одвратно“.

„Како што призна Судот, на 7-ми октомври Хамас и другите терористички групи извршија неискажливи злосторства против Израел и неговите граѓани. Како и секоја земја, Израел има вродено и неотуѓиво право да се брани од терористичкиот напад со кој сѐ уште се соочува. Гнасниот обид на Јужна Африка да му го ускрати на Израел ова основно право беше праведно отфрлено“.

„Судот повеќепати јасно стави до знаење дека неговата денешна одлука не одредува дали барањата на Јужна Африка имаат некаква основаност или јурисдикцијата на Судот по ова прашање“.

„Израел го поздравува јасното барање на Судот за итно и безусловно ослободување на сите заложници држени во Газа“.

Кабинетот на премиерот, наводно, издал упатство министрите да не даваат интервјуа на темата на пресудата.

Лидерот на опозицијата Јаир Лапид коментира: „Израелското право и обврска е да се брани себеси. Немаме потреба од предавања за моралот или инструкции како да се однесуваме како разумна, демократска држава“.

 

Меѓународниот суд на правдата (МСП) пресуди дека Израел мора да се погрижи неговите сили да не вршат геноцид и мора да преземе мерки за подобрување на хуманитарната ситуација.

Израел мора да обезбеди да се зачуваат доказите за наводниот геноцид. Судот нагласи дека одлуката спаѓа во меѓународните обврски на Израел.

Израел мора да поднесе извештај до судот во рок од еден месец за тоа што прави за да ја поддржи наредбата.

Во образложението на одлуката, Судот најави дека нема да го отфрли случајот против Израел и дека има овластување да донесе итни мерки во случај на геноцид.

Судот ги призна правата на Палестинците во Газа да бидат заштитени од геноцид, а исто така изјави дека Палестинците потпаѓаат под заштита на Конвенцијата за спречување на геноцид. Тие наведуваат и дека гледаат ризици од влошување на ситуацијата во Газа.