Израел во вторникот ја отвори првата подземна банка за крв во светот, отпорна на ракетни напади, објави во вторникот израелската национална организација за итна медицина и трансфузиона медицина, Маген Дaвид Адом (МДА).
Зградата е во градот Рамли, меѓу Тел Авив и Ерусалим, и беше свечено отворена во понеделникот вечерта, но се очекува официјално да биде пуштена во употреба подоцна оваа година, изјави портпаролката на МДА.
„Добивањето трансфузија на крв, незаменлив животен подарок од потполн странец, е важен потсетник дека отсега можеме да се чувствуваме безбедно благодарение на овој импресивен нов центар“, изјави израелскиот претседател Исак Херцог.
Националната банка за крв е така изградена што може да ги заштити стратешки важните резерви на крв на Израел од хемиски и биолошки напади, како и од земјотреси, се вели во соопштението на МДА.
Зградата се состои од шест ката, од кои три се под земја.
Американските пријатели на Маген Давид Адом (АФМДА) ги сносат трошоците за изградба на банката за крв во износ од околу 135 милиони долари.
Новиот објект се очекува да складира околу половина милион единици крв, објави Jerusalem Post.
„Во минатото, итните служби беа принудени да го прекинат процесот на дарување крв за време на ракетните напади и да ги префрлат резервите на крв во засолништа.
Центарот ќе овозможи да се спасат безброј животи во војна и во мир“, рече Кетрин Рид, извршен директор на AFMDA.
Новата зграда има особено дебели цементни ѕидови и бројни заштитни механизми во случај на напад со биолошко или хемиско оружје.