
Израел ја повика во четвртокот Русија да ја протера делегацијата на палестинската исламистичка организација Хамас која престојува во Москва, велејќи дека била „срамотна“ самата покана.
„Хамас е терористичка организација полоша од Исламската држава. Рацете на високите според рангот припадници на Хамас се извалкани со крвта на повеќе од 1.400 Израелци кои се заклани, убиени, ликвидирани и спалени, а одговорни се и за грабнувањето на повеќе од 220 Израелци, вклучително бебиња, деца, жени и старци“, објави во соопштение израелското Министерство за надворешни работи, кое го цитира агенцијата Reuters.
Делегација на Хамас допатува во четвртокот во Москва поради преговори за ослободување на странските државјани, вклучително и државјани на Русија, кои милитантното движење ги држи во палестинската енклава Газа, го пренесуваат руските медиуми соопштението на Министерството за надворешни работи.
Високиот претставник на Хамас, Абу Марзук е дел од делегацијата која учествува во преговорите.
„Контактите со него се одржани во рамките на руските позиции за моментелното ослободување на странските заложници во Појасот Газа. Исто така, се разговараше за прашањата поврзани со евакуацијата на руските и другите странски државјани од територијата на палестинската енклава“, ја цитира агенцијата ТАСС писмената изјава на руската дипломатија.
Русија со децении одржува односи со сите клучни актери на Блискиот исток, вклучително и Израел, Иран, Палестинската самоуправа и Хамас, кој по победата на сеопштите палестински избори во 2006 година во 2007 година ги протера претставниците на ривалското движење Хамас и го презема управувањето со Појасот Газа.
Москва во неколку наврати за кризата на Блискиот исток ја обвини политиката на американската администрацаи и повика на хуманитарно примирје меѓу Израел и Хамас, како и продолжување на преговорите западнати во ќорсокак речиси цела деценија за изнаоѓање мировно решение според резолуциите на Обединетите нации.
Хамас објави сопствено соопштение во коешто ги пофали напорите на рускиот претседател Владимир Путин и на руското Министерство за надворешни работи поради заложбите за ставањето крај на она што го нарекува „злосторствата на Израел коишто ги поддржува Западот“, наведува агенцијата РИА.
Портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова на редовниот брифинг со новинарите претходно во четвртокот рече дека заменикот на шефот на иранската дипломатија Али Багири Кани, исто така, престојува во Москва. Захарова не изнесе други поединости за средбите.
Багари Кани е главниот ирански преговарач за нуклеарните прашања со странските држави и меѓународните агенции. Иран, инаку, го поддржува Хамас во судирот со Израел