Израелскиот парламентарен одбор и одобри на разузнавачката служба да собира лични податоци од граѓаните. Оваа контроверзна мерка израелските власти ја воведуваат во рамките на обидите да го запрат ширењето на заразата со коронавирусот.
Израелската Влада на почетокот на март одобри безбедносната служба „Шин бет“ да собира лични поатоци од граѓаните преку нивните мобилни телефони за да помогне во борбата против вирусот, со кој досега се заразени 5.358 Израелци, според најновите податоци што сношти беа соопштени.
Луѓето кои се борат за човековите права веднаш се обратија до Врховниот суд да побараат основање парламентарен одбор што ќе го одобри или ќе се спротивстави на дигиталното надгледување. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека е подготвен да ги употреби сите средства „во војната против невидливиот непријател“ и со поддршката на владата на „Шин бет“ му дал инструкции да собира лични податоци за да се лоцираат носителите на вирусот и луѓето во самоизолација.
Против оваа мерка се изјасни сојузот од партии „Заедничка листа“ во кој попвеќето се израелски Арапи, трета по сила политичка сила во израелскиот Парламент, како и невладините организации кои ги бранат човековите права.
Сојузот од партии на центарот „Сино и бело“, на Бени Ганц, ја осуди, како што соопшти, „злобната одлука“, бидејќи е донесена без одобрение на парламентот. Ганц до неодамна беше политички ривал на Нетанајху, а сега со него преговара за формирање вонредна влада за единство заради пандемијата на коронавирусот .
Во соопштението на парламентарниот одбор за надворешна политика и одбрана се наведува дека по маратонската расправа е одобрена одлуката на владата да го овласти „Шин бет“ да помогне во напорите да се запре ширењето на коорнавирусот во рок од еден месец, до 10 април годинава.