Израел ја засилува офанзивата во Газа додека САД повикуваат на прекин на огнот

Израел во средата објави дека спроведува нова воена операција против палестинското движење Хамас во централниот дел на Појасот Газа, пред разговорите меѓу американските и катарските посредници кои сакаат да го финализираат договорот за прекин на огнот.

Палестинските лекари соопштија дека повеќе десетици луѓе биле убиени во воздушните напади во областа. Вооруженото крило на Хамас и Исламски џихад објави дека се вклучиле во борби со израелските сили низ Појасот Газа и дека користеле противтенковски ракети и гранати.

Најмалку 44 Палестинци се убиени од вторникот во израелски воени напади во централниот дел на Појасот Газа, соопштија здравствените власти во енклавата.

„Бомбардирањето не престана цела ноќ“, изјавила за Reuters 30-годишната Аја, прогонета во Деир ал-Балах.

Меѓу загинатите има и две деца. Починале со својата мајка, изјавиле за агенцијата очевидци. „Ова не е војна, ова е пустош што не може да се опише со зборови“, рекол преку платформа за чет со Reuters нивниот татко Абу Мухаменд Абу Саиф.

Израелската армија објави дека авиони гаѓале цели на Хамас во централниот дел на Појасот Газа и дека копнените сили дејствуваат во областа на бегалската населба Ал Буреија „на фокусиран начин врз основа на инструкции од разузнавањето“.

„Силите на 98-та дивизија започнаа прецизна кампања во областа Источен Буреј и Источен Деир ал-Балах, над и под земја во исто време“, се вели во соопштението на израелската армија.

Жителите изјавија дека израелските сили испратиле тенкови во Буреиџ и дека авиони и тенкови ги напаѓаат блиските населби Ал-Магази и Ал-Нусеират и градот Деир ал-Балах, во кои тенковите не навлегле.

„Секогаш кога зборуваат за нови преговори за прекин на огнот, окупаторските сили користат еден град или еден бегалски камп како средство за притисок. Зошто цивилите, луѓето кои се безбедни во своите домови или шатори, да плаќаат? Зошто Арапите и светот не можат да ја запрат војната“, изјавила Аја за Reuters преку апликација за разговор.