Шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за надворешни работи (ФАК) со Брисел не постигнаа консензус околу предлогот на високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за прекин на политичкиот дијалог меѓу блокот и Израел во рамки на Договорот за асоцијација.
На средбата Борел на министрите им ја презентираше ажурираната правната оценка за почитувањето на човековите права и меѓународното право од страна на Израел, по што, како што соопшти Европскиот совет се дебатираше за предлогот на високиот претставник за прекине политичкиот дијалог со Израел.
– Повеќето од земјите членки сметаа дека е многу подобро да продолжат да имаат дипломатски и политички односи со Израел, изјави синоќа Борел по завршувањето на заседанието, оценувајќи дека „постои недостиг на емпатија за страдањето на другиот“.
ги рпекинаПокрај за ова прашање во делот од состанокот посветен на најновите случувања на Блискиот Исток, пред се во Газа и Либан, како и за пошироката регионална ситуација, министрите разговараа за поддршката на ЕУ за УНРВА и за прашањето за рестриктивни мерки против Хамас и неговите поддржувачи, но и против насилните еврејски екстремистички доселеници на Западниот Брег.
ФАК разговараше и за напорите за заживување на мировниот процес на Блискиот Исток, при што министрите разменија мислење за активностите на Глобалната алијанса за имплементација на решението за две држави, лансирана на последното заседание на Генерално собрание на ОН, и за нејзиниот следен состанок закажан за 28 ноември во Брисел.
Според Борел, важно е луѓето да разберат дека мирот ќе дојде еден ден, но и дека тој треба да се подготви и да се одржи.
– Секогаш кога ќе се пружи прилика, ајде да зборуваме за мирот, потенцира Борел.
На состанокот стана збор и за руската агресија врз Украина, при што министрите имаа размена на мислење преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Андриј Сибиха, кој ги информираше за најновите случувања на теренот и за најитните украински потреби.
Во продолжение европските шефови на дипломатии разговараа за натамошната поддршка на ЕУ за Украина, како и за можниот одговор на Унијата за поддршката кон Русија од страна на трети земји.
Според Борел, секој постапка на Русија кој останува без реакција само ја охрабрува дополнително да ја ескалира состојбата.
– Без реакција, имаме поголема ескалација. Почна со користење на храната како оружје, па со енергијата, користејќи ја зимата како оружје. Потоа прибегна кон иранските дронови и ракети и воена опрема од Северна Кореја, а сега дури и со севернокорејски војници на границите на Украина, нагласи Борел.
Тој оцени дека е време Европа да се засили и да ја преземе својата стратешка одговорност во однос на Украина.
– Историјата на крајот ќе не суди за тоа што сме направиле, кога моравме да се соочиме со тешки времиња, истакна Борел.
На состанокот стана збор и за обидите за заобиколувањето на санкциите и дополнителните рестриктивни мерки кон Русија, при што министрите одлучија да воведат дополнителни санкции поврзани со воената поддршка на Иран на руската агресија врз Украина, со забрана за извоз, трансфер, снабдување или продажба на компоненти за ракети произведени во ЕУ на ирански субјекти, а санкционираше и едно физичко лице и четири правни лица.
На работниот ручек на заседанието министрите се осврнаа на односите на ЕУ со САД, пред се во врска со Украина и Блискиот Исток, како и за конкретните импликации од американските претседателски избори.
Во тој контекст, Борел оцени дека изборот на Доналд Трамп за нов претседател на САД претставува нова можност за Европејците.
– Не само да се разбудиме, веќе се разбудивме пред пет години, туку да го искористиме нашиот капацитет и нашиот систем на работа за да дадеме јасен глас на светската сцена. Мора да инвестираме повеќе во безбедноста и одбраната, додаде Борел.
На состанокот се разговараше и на настаните во Грузија по парламентарните избори одржани на 26 октомври и за „демократското назадување во земјата“ и последиците од тоа за нејзиниот европскиот пат.
Според Борел, сите сакаат Грузија да се врати на европскиот пат, но за тоа ќе бидат потребни дополнителни напори.
– Ќе испратиме мисија во Грузија. Ќе разговараме за нерегуларностите на изборите, кои ќе треба да се истражат. Владата треба да спроведе решителни промени преку конкретни акции. Грузија не може да напредува во односите со Европската унија без големи промени, рече Борел.
Тој на грузиските граѓани им порача дека ЕУ никогаш нема да ги напушти нив и нивната борба за вредностите на ЕУ и ќе продолжи со поддршка на нивниот „избор во корист на демократијата и европската иднина“.
Министрите за надворешни работи дебатираа и за состојбите во регионот на Рогот на Африка, пред се за Сомалија и можната поддршка од ЕУ за идната Мисија на Африканската унија за поддршка и стабилизација на земјата, како и за настаните во Судан, каде се убиени илјадници луѓе, а милиони раселени. При тоа, министрите се согласија да повикаат на итен прекин на непријателствата.
Советот за надворешни работи продолжува со заседание на ниво на министри за одбрана, на кое главни теми ќе бидат за поддршката на ЕУ за Украина и за одбранбената подготвеност на блокот.
На маргините на заседанието министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и Борел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Македонија и Европската Унија.