Израел доби нов претседател

Претседателот на Еврејската агенција, Исак Херцог, е 11. претседател на Израел откако на тајното гласање извршено денеска доби 87 гласови од членовите на Кнесетот (израелскиот Парламент).

Неговиот противкандидат, 67-годишната наставничка и активистка, Миријам Перец, доби 27 гласа. Доколку беше избрана, Перец ќе станеше првата жена претседател на Израел.

Со својата победа, Херцог стана првиот претседател чиј татко, исто така, бил претседател на Израел. Хаим Херцог, беше шестиот претседател на еврејската држава.

Како и Херцог, кој вчера го посети Западниот ѕид за да се моли за успех, така и Перец се обиде да се сретне со што повеќе пратеници пред гласањето.

Секоја фракција во Кнесетот им даде слобода на своите членови да гласаат според совеста, место да ги обврзува со партиска дисциплина.

Ниту една од фракциите во Кнесетот не номинираше свој кандидат и ова беше прва претседателска трка во Израел на која никој од кандидатите не е актуелен член на Кнесетот, што претставува најголема победа на претседателските избори во историјата на Израел.

Херцог им се заблагодари на сите пратеници кои гласаа за него и порача дека е чест да му служи на целиот народ на Израел. Тој ја нарече Перец херој и инспирација.

-Јас ќе бидам претседател на сите – порача Херцог.

Новиот претседател ќе положи заклетва кога на 9 јули ќе му заврши мандатот на досегашниот претседател, Рувен Ривлин.