Израел нема да се согласи на прекин на огнот дури и за време на разговорите за ослободување на заложниците во Појасот Газа, објави Си-Ен-Ен цитирајќи висок израелски функционер.
Според него, прекинот на огнот не се разгледува дури ни за време на разговорите за ослободување на над 200 заложници, бидејќи хуманитарните напори не треба да влијаат на „мисијата, која е да го разбие Хамас“.
Тој, исто така, негираше дека САД бараат одложување на копнениот упад на Израел во Газа. „Го негираме овој извештај. Имаме близок дијалог и консултации со американската администрација. САД не вршат притисок врз Израел во однос на копнената операција“, рече претставникот.
Претходно, Си-Ен-Ен објави дека Вашингтон вршел притисок врз Израел да ја одложи копнената офанзива во Појасот Газа и да ги ослободи заложниците што се држат таму.
Претходно, американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави за NBC дека Израел треба да донесе независна одлука за започнување копнена офанзива во Појасот Газа додека Вашингтон може да дава само совети.
Тензиите повторно се разгореа на Блискиот Исток на 7 октомври кога милитантите од палестинската радикална група Хамас со седиште во Газа извршија ненадеен упад на израелска територија од Појасот Газа. Хамас го опиша својот напад како одговор на агресивните дејствија на израелските власти против џамијата Ал Акса во Стариот град на Ерусалим. Како одговор, Израел прогласи состојба на воена готовност, најави целосна блокада на Појасот Газа, дом на 2,3 милиони Палестинци и почна да изведува воздушни напади врз енклавата и одредени делови на Либан и Сирија. Судирите се во тек и на Западниот Брег.