Израел формира тампон зона во Газа

Израел ги известил САД за нивните намери да воспостават тампон зона од еден километар долж границата Газа-Израел во рок од неколку недели, објави Волстрит џурнал (WSJ) во вторникот.

Во извештајот се цитира израелски официјален претставник кој вели дека „привремената безбедносна тампон зона може да биде дел од процесот на демилитаризација на Газа“.

Таквата тампон зона би можела да обезбеди безбедност во јужните израелски заедници кои претрпеа масакри на Хамас на 7 октомври.

Како што се наведува во извештајот, изградбата на таква тампон зона „може да ги влоши тензиите меѓу Израел и САД и други западни сојузници кои предупредија да не се намалува територијата на Газа“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави: „Ние бевме многу јасни во однос на нашрто противење за каква било трајна промена на територијалната конфигурација на Газа“, повторувајќи го ставот на Вашингтон против окупацијата на Појасот од страна на израелските одбранбени сили (ИДФ) или трајното раселување на нејзините жители.

„Тие нема само да остават целосен безбедносен вакуум во Газа, така што ќе мора да има некаков преоден период“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер претходно во јануари.

ИДФ во вторникот ги забележа најголемите загуби во еден ден во копнената операција во Газа, во која животот го загубија 21 израелски војник кои ја спроведуваа офанзивата на Кан Јунис. WSJ истакна дека трупите оперирале во Газа на околу 600 метри западно од кибуцот Кисуфим во јужен Израел.

„Во изјавата за смртта на војниците, началникот на израелската војска, генерал-полковник Херзи Халеви го употреби терминот „тампон зона“. Тој рече дека тие биле убиени додека дејствувале „во тампон зоната меѓу израелските заедници и Газа“, како дел од напорите за „создавање безбедносни услови“ за Израелците да се вратат во своите домови во близина на границата со Газа“, се вели во извештајот.