Израел формираше влада на националното единство

Израел во средата ја формираше владата на национално единство, додека изведува напади во Појасот Газа чиишто цели вели дека се искоренување на радикалното исламистичко движење Хамас и распоредува трупи северно од тенката густонаселена палестинска енклава, каде што милитантите порачаа дека сѐ уште се борат по нивниот смртоносен прекуграничен напад во саботата.

Премиерот Бенјамин Биби Нетанјаху се согласи да формира воена влада со поранешниот министер за одбрана и челник на центристичката опизицска влада Бенјамин Бени Ганц и во целост да се насочи на судирот, се новедува во заедничкото соопштение на владејачката десничарска Ликуд и центистичката Кахол Лаван (Сино-бел сојуз) на Ганц кој беше началник на израелскиот Генералштаб од 2011 до 2015 година.

Бројот на загинатите во Израел достигна 1.200 луѓе со повеќе од 2.700 ранети, соопшти израелската војска, откако речиси повеќе од цел ден палестинските милитанти во саботата ја пробија граничната ограда којашто ја опкружува Газа.

Во одмазничките израелски удари во блокараната енклава убиени се 1.055 луѓе, од кои речиси третина се деца, а ранети се 5.184 луѓе, соопштија палестински функционери.

Обединетите нации објавија дека меѓу загинатите се и единаесет вработени во нивната агенција за бегалци во Појасот Газа.

Бригадите Ал Касам, военото крило на Хамас, соопштија во средата дека нивните борци сѐ уште се борат на територијата на Израел.

Изралеските безбедносни сили распоредија тенкови и оклопни борбени возила северно од Појасот Газа каде што се водат судирите, но не го коментираа тврдењето на Хамас.

Израел вети брза казна за најсмртоносниот напад на палестинските милитанти во неговата 75-годишна историја, за кои останаа расфрални тела на убиени на музички фестивал и во кибуц.

Израелската војска соопшти дека десетици нејзини борбени авиони изминатата ноќ погодиле повеќе од 200 цели во квартовите на градот Газа, за кои тврди дека Хамас ги користел за покренување на своите напади.

САД соопштија дека разговараат со Израел и Египет за безбедно минување на цивилите од Појасот Газа, каде што е прекинато снабдувањето со електрична енергија, вода и храна.

Обединетите нации соопштија дека повеќе од 180.000 жители на градот Газа, а во малиот по површина Појас Газа живеат околу 2,3 милиони луѓе, останале без дом, а многу се собрани во толпи на улиците или во училишта.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека во израелските напади во енклавата се уништени повеќе од 22.600 станбени единици и 10 здравствени установи, а оштетени биле и 48 училишта.