Израел ги интензивира нападите во Газа

Израел го гранатираше центарот на палестинската енклава Појасот Газа во вторникот, откако премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека нема да ги запре нападите врз Хамас, во коишто веќе загинаа и повеќе од 20.000 Палестинци цивили.

Израел е решен да го уништи Хамас и покрај повиците од ширум светот за прекин на огнот во војната која започна пред 11 седмици, бидејќи расте загриженоста дека конфликтот може да се прошири низ целиот регион на Блискиот исток.

Откако Хамас го изведе ненадејниот, најкоординиран и најсмртоносниот напад врз Израел во 75-годишната историја на израелско-палестинскиот конфликт, Нетанјаху одговори со сеопфатен напад врз Газа, каде по изборите од 2006 година на власт е Хамас. Израелската армија во вторникот соопшти дека 160 нејзини војници загинале од почетокот на копнените операции во Газа на 27-ми октомври, покрај 318-те загинати војници и припадници на паравоените израелски сили вио нападот од 7-ми октомври.

„Седумдесет и пет години страдање, одземени ни се правата, одземена ни е земјата, а нашиот народ е заклан. Нашите права, како луѓе, се оправдани. Што можеме да направиме“, вели за Reuters Маријам ал-Омси одејќи по уличка по воздушниот напад врз кампот Шабур во близина на Рафах во јужна Газа.

Во болницата „Насер“ во Кан Јунис, најголемата медицинска установа во јужниот дел на Појасот Газа, лекарите соопштија дека 10 Палестинци биле убиени во два одделни израелски воздушни напади. Жител на Кан Јунис, Салах Шаат, изјавил за Reuters дека слушнал силна експлозија на зајдисонце во понеделникот. Притоа, зградата била уништена.

„Внатре имаше прогонети и жители, повеќе од 20 луѓе, деца и жени. Успеавме да спасиме некои од децата, а останатите беа убиени“, рече тој.

Израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили погодиле 100 цели на Хамас, вклучително и тунели, како поддршка на копнените сили. Во соопштението за печатот се наведува дека во Шејаија во близина на градот Газа, војската со авион напад убила неколку милитанти забележани како се обидувале да постават бомба под тенк. Повеќе од 10 палестински борци биле убиени во одделни инциденти во Кан Јунис, според израелската страна.

Нетанјаху, кој во понеделникот ги посети израелските сили во северниот дел на Појасот Газа, им рече на пратениците во неговата партија Ликуд дека војната е далеку од завршена и ги отфрли, како што ги нарече, медиумските шпекулации дека неговата влада може да прогласи прекин на огнот. Нетанјаху рече дека Израел нема да може да ги ослободи преостанатите заложници на Хамас без воен притисок.

„Нема да запреме. Војната ќе продолжи до крај, додека не ја завршиме, минимално“, рече Нетанјаху.