Израел ги известил САД за плановите за ограничена копнена операција во Либан која може да започне во следните часови

Израел планира ограничена копнена операција во Либан, која би можела да започне наскоро, им порачал Израел на Соединетите држави, објави весникот The Washington Post, цитирајќи американски функционер кој сакал да остане анонимен.

Операцијата ќе биде помала од војната на Израел против Хезболах во 2006 година и ќе се фокусира на елиминирање на милитантната инфраструктура долж границата за да се отстрани заканата за израелските погранични заедници, рекол неименуваниот американски функционер.

Израел може да започне копнена операција во Либан во следните часови, јави телевизиската мрежа CBS, повикувајќи се исто така на американски функционер.

„Израел ги известија Соединетите држави за својата намера да започне копнена инвазија во ограничен обем на Либан, за која велат дека може да започне во рок од неколку часа“, потврдил изворот на телевизијата.

Весникот The Wall Street Journal објави во своето електронско издание дека Израел би можел да започне копнена операција уште оваа седмица. Специјалните сили на израелската војска изведуваат „мали целни рации“ во јужен Либан, собираат разузнавачки информации и ја спроведуваат потребната подготовка, рекле изворите на весникот.

Истовремено, телевизијата CNN повикувајќи се на свои високи извори во американската администрација, дека веројатната израелска копнена операција во јужен Либан може да влијае само на пограничните либански села, но САД стравуваат дека таквата операција би можела да ескалира во непријателства од поголеми размери.

„По операциите во либанските села долж границата… се очекува израелската војска да се повлече на израелска територија… Американските власти се загрижени дека она што првично може да започне како инвазија од ограничен обем може да ескалира во поголема на подолг рок. Операција од големи размери за овие грижи се разговара со израелската страна“, објави CNN.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро повторно го повика Израел во понеделникот да не врши никаква копнена инвазија на Либан, додавајќи дека Франција ќе ја засили својата поддршка за либанската армија.

„Јас го повикувам Израел да се воздржи од каков било копнен упад и да го прекине огнот. Го повикувам Хезболах да го стори истото и да се воздржи од каква и да е акција којашто би можела да доведе до регионална дестабилизација“, изјави за новинарите Баро во текот на посетата на Бејрут.

Хезболах, чии милиции се вооружувани и обучувани од Иран, е далеку помоќна борбена форамција од палестински Хамас, а разликата е и во припадноста на шиитскиот и сунитскиот огранок на исламот. Од последната војна меѓу Израел и Хазболах во 2006 година, либанското движење стана многу помоќно. Се проценува дека Хазболах има арсенал од повеќе од 100.000 ракети, а покрај тоа неговите единици се здобија со богато борбено искуство учествувајќи од 2011 година во војната во Сирија.

Хезболах и Израел водеа две големи војни од 1980-те. Израелските трупи беа принудени да се повлечат од Либан по конфликтот во 2006 година. Во војната од 2006 година со израелската моќна војска, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се стекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.

Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година, со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток.

Последната израелско-либанска војна позната и како „Либанска војна 2006“, „Јулска војна“ и „Втора либанска војна“ е низа воени акции во Либан и во северен Израел која ескалираше откако Хезболах на 12-ти јули 2006 година на израелско-либанската граница грабна двајца израелски војници.

Израел на тоа договори со блокада, делумна инавазија, бомбардирање и воздушни напади на Либан, а борците на Хезболах возвратија со ракетирања од либанска територија на северот на еврејската држава, потполно запирајќи го функционирањето на деловното пристаниште Хаифа и тамошната важна хемиска индустрија. Либанската војска главно не се мешаше во судирот, кој траеше 34 дена и заврши со примирје склучено на 14-ти август таа година.

Тоа беше четвртата војна меѓу Либан, поточно Хезболах и Израел, а во неа загинаа 1.191 лице во Либан и 165 луѓе во Израел, како и педесеттина странски државјани. Неодамна убиениот во израелски воздушен удар во Бејрут водач на Хезболах, Саид Хасан Насрала тогаш им се извини на Либанците за бројот на жртвите.

Хезболах тогаш користеше тактика на герилски напади врз израелските трупи, а многу воени аналитичари сметаат дека во таа војна немало победник. Интересно е што по неа се зголеми поддршката за Хезболах во Либан, додека во Израел се бараше оставка од премиерот Ехуд Олмерт кој призна дека имало грешки во војната, а оставка поради лошото водство на војската поднесе Дан Халутц.

Меѓународните организации за човекови права и либанската влада го обвинија Израел за користење забранети оружја, како фосфорни бомби и касетна муниција врз цивилното население, што подоцна беше и потврдено од израелски функционери.

По резултатите од израелско-либанската војна од 2006 година, Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата 1701, која предвидува поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Либан, истовремено повлекување на израелските трупи од јужен Либан и распоредување на сили таму од страна на либанската влада и на ОН. Според оваа резолуција, присуството на какви било паравоени сили освен оние кои припаѓаат на либанската армија или силите на ОН е забрането јужно од реката Литани. Сепак, во текот на изминаите 18 години, Хезболах ја обнови својата инфраструктура во јужен Либан и го гранатираше северен Израел секој ден веќе 11 месеци.