Израел во четвртокот ги одби амандманите на Либан на предлог-договорот со кој би се утврдила поморската граница меѓу двете земји и со тоа би се олеснила експлоатацијата на гасните наоѓалишта во подморјето, изјави висок израелски функционер.
„Премиерот Јаир Лапид е известен за значителните измени кои Либан сака да ги внесе во договорот и побара од преговарачкиот тим да ги одбие“, изјавил за AFP висок израелски функционер кој сакал да остане анонимен.
Либан во вторникот го испрати одговорот на американскиот предлог за решавањето на пограничниот поморски спор со Израел, со кој на двете земји ќе им се овозможи да продолжат со експлоатацијата на големите наоѓалишта во источно Средоземје.
Либанските челници се состанаа ден претходно за да го подготват заедничкиот одговор на американскиот предлог, чијашто содржина не е познаа за јавноста и соопштија дека брзо ќе биде договорен, што овие денови го најавуваа и од израелскиот државен врв.
Предлогот на американскиот посредник за разграничувањето на море меѓу Либан и Израел ги „штити и зајакнува“ интересите на еврејската држава, изјави во неделата премиерот Јаир Лапид, кој е среде кампања за парламентарните избори на 1-ви ноември и е цел на критики на опозицијата која ја води поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со споменатиот предлог-договор.
Нетанјаху, кој сака да се врати на чело на израелската влада, го обвинува Лапид дека „му го предава“ на Хезболах, влијателното милитантно шиитско либанско движење кое е смртен непријател на Израел, „суверенитетот на израелската територија“.
Според израелски функционери, договорот предвидува наоѓалиштето Кариш да му остане на Израел, а капацитетите на Кана да му се отстапат на Либан, но Израел да зема дел од приходите од производството на гасот.
Израел, кој во четвртокот не откри со кои либански измени не се согласува, вели дека ќе црпи гас во Кариш и доколку со Либан не се договори за морската граница и покрај заканите на Хезболах во таа смисла.
„Израел ќе произведува гас во Кариш што тоа ќе биде возможно. Доколку Хезболах или кој и да е друг се обиде да го оштети Кариш и нѐ загрози, преговорите за морската граница веднаш ќе бидат прекинати“, предупреди висок израелски функционер пред средбата на безбедносниот кабинет на Лапид за оваа чувствителна тема.