Израелската полиција соопшти во понеделникот дека започнува да ги вооружува цивилите за побрзо да се реагира во случај на напад или кризна ситуација во градовите ширум земјата, на десеттиот ден од војната меѓу Израел и радикалното палестинско движење Хамас.
Началникот на израелската полиција Коби Шантал и министерот за национална безбедност Итмар Бен Гвир „одлучија да ги зајакнат кризните интервентни тимови во надлежност на полицијата во сите градови“, се истакнува во заедничкото соопштение.
„Во 347 нови тимови ќе има 13.200 цивили доброволци кои ќе служат во полицијата и ќе добијат пушка и заштитна опрема“, се додава во објавата.
Населбите на израелските градови, како и доселеничките населби во палестинската енклава Западниот брег, веќе со години имаат такви тимови во коишто воените ветерани добиваа оружје и обука и во случај на напад и кризна ситуација дејствуваат во координација со полицијата и војската.
Во деновите по нападот на Хамас од 7-ми октомври полицијата купила 6.000 пушки за 566 нови цивилни интервентни тимови коишто ги формираше, се додава во соопштението, а таквите сили се „најпотребни во пограничните, големите и мешовитите (арапско-еврејски) градови“.
Покрај овие нови тимови, кабинетот на Бен Гвир работи на тоа да се ублажат критериумите за добивање дозвола за носење огнено оружје, за сите коишто минале темелна воена обука, а живеат и работат во зоните на судирите, да можат да носат оружје.
На седмицата на парламентот во неделата доцна ноќта на која се одобрени овие нови насоки, беше кажано дека од 7-ми октомври околу 41.000 Израелци побарале дозвола за носење оружје, а инаку секоја години имало околу 38.000 такви барања.