Израел ги засилува нападите врз Рафах, убиено големо семејство

Израелската војска ги засили бомбардирањата врз град Рафах на југот Појасот Газа близу границата со Египет, каде во воздушен удар се убиени десет челнови на едно семејство, известиле за агенцијата Reuters локални жители, а министерството за здравство објави дека во разорената палестинска енклава досега загинале 29.313 лица.

Во Ерусалим, членот на израелската воена влада опозицискиот лидер и поранешен премиер Бени Ганц цитираше „ветувачки првични знаци за напредување“ за новиот договор за ослободување на заложниците кои ги држат милитантите на движењето Хамас и сродните исламистички групации во Појасот Газа, додека траат преговорите со посредство на Египет, Катар и САД за да се осигури пауза во воените дејствија.

Израелската армија (IDF) соопшти дека ги засилила операциите во Кан Јунис, град северно од Рафах. Во својот дневен извештај за борбите во Појасот Газа, не ги споменува нападите врз самиот Рафах и не одговорила веднаш на барањето на Reuters за коментар за информациите дека градот е под воздушни и артилериски удари.

Се проценува дека околу 1,5 милиони луѓе, или повеќе од половината од 2,4-милионското население на Појасот Газа, се натискани во Рафах кој до пред војната броел околу 300.000 жители, а најголемиот дел од нив побегнаа на југот од енклавата по упатствата на израелската војска којашто ги потисна од северните и централните области на Појасот Газа.

Доставувањето на помошта којашто влегува во Појасот Газа речиси престана последните две седмици, а безбедносниот колапс ја отежна дистрибуцијата на храна која сепак во минимални количества некако се доставува, според податоците на Обединетите нации и претставници на меѓународните организации.

Израел претходно објави дека се подготвува и за копнен продор во градот Рафах и покрај растечкото противење во меѓународната заедница, вклучително и од непоколебливиот сојузник САД, кој предупредува дека таквата операција мора да биде испланирана за да се минимизираат цивилните жртви.

Жителите на Рафах кои контактирале со Reuters со СМС-пораки, известиле за неколку израелски воздушни напади и големи експлозии во самиот град, како и за отворање оган од морето од израелските воени бродови.

Соработници на Reuters ги снимиле последиците од удар врз куќата на семејството ал-Нур во Рафах, која е целосно претворена во урнатини, покажувајќи повеќе од десет тела замотани во бели или црни покрови и роднините на жртвите во локалната болница.

Абдурахман Џума изјави дека неговата сопруга Нур, која потекнувала од семејството ал-Нур, како и неговата едногодишна ќерка Кинза, се убиени заедно со родителите на Нур, братот и другите роднини.