Израел го бомбардира Појасот Газа, започна евакуацијата на Кан Јунис

Израелската армија рано утринава го бомбардираше Појасот Газа, гаѓајќи ги областите на југ каде што на Палестинците им беше наредено да се засолнат и започна со евакуација на северниот град Кан Јунис пред очекуваната инвазија на палестинската енклава.

Палестинците во Газа рекоа дека Кан Јунис е силно бомбардиран и дека амбулантни возила ги носат ранетите во болницата Насер, втората по големина, која веќе е полна со пациенти и други луѓе кои се засолниле таму.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант  алудираше на копнена офанзива со цел да се уништи исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со Појасот Газа, две недели по крвавиот упад во Израел.

Официјалните лица, сепак, не објавија кога ќе започне таквата операција.

Повеќе од еден милион луѓе се раселени во Газа од почетокот на војната. Многумина ги послушаа израелските наредби да се евакуираат од северниот кон јужниот дел на малата енклава под израелска опсада.

Болниците во Газа се преполни со пациенти, медицинските материјали и горивото се при крај, а многу потребната помош допрва треба да пристигне преку египетската граница.

Цели одделенија на болниците во Газа се во темнина, а лекарите оперираат со светлината на мобилните телефони и користат оцет за заразени рани.

Израел рече дека помошта може да се достави само до цивили и дека ќе го попречи секој обид на Хамас да ја пренасочи.

Повеќе од 200 камиони и околу 3.000 тони помош се во близина на Рафах, единствениот граничен премин што не е контролиран од Израел, но поправката на патиштата од палестинската страна, оштетени од израелските воздушни напади, допрва треба да започне.

Израел, во меѓувреме, ги евакуираше своите населби во близина на границата Газа и Либан и ги смести жителите во хотели како дел од програмата финансирана од владата.

Министерството за одбрана денеска објави план за евакуација на Кирјат Шмона, населба со 20.000 жители.

Либанскиот екстремистички Хезболах, кој има голем арсенал на ракети со долг дострел, речиси секојдневно истрелува ракети кон северниот дел на Израел и навести дека може да војува доколку има намера да го уништи Хамас.

Најголемиот непријател на Израел, Иран, ги поддржува двете овие екстремистички организации.

Американскиот претседател Џозеф Бајден вети повторно непоколеблива поддршка за безбедноста на Израел „денес и секогаш“, како што рече, но додаде дека светот „не може да ги игнорира“ невините Палестинци.

Обраќајќи ѝ се на нацијата од Овалната соба по вонредната посета на Израел, тој направи разлика меѓу обичните Палестинци и Хамас и ја спореди војната во Газа со руската инвазија на Украина.

Израелската армија безмилосно ја напаѓа Газа како одмазда за разорните напади на Хамас на 7 октомври.

И иако Израел нареди масовна евакуација на населението во Газа на југ, тој продолжува да го напаѓа целиот појас, поради што Палестинците на таа густо населена територија стравуваат дека никаде не е безбедно.

Палестинските екстремисти секојдневно од Газа истрелуваат низа ракети кон Израел, а тензијата се зголеми на другата палестинска територија, на окупираниот Западен Брег.

Таму 13 Палестинци, меѓу кои пет малолетни, загинаа вчера во судир со израелски војници и напад со беспилотно летало, соопшти палестинското Министерство за здравство.

На почетокот на војната, во Појасот Газа беа убиени 3.785 луѓе, главно жени, деца и стари лица. Речиси 12.500 луѓе се ранети, а се верува дека околу 1.300 се затрупани во урнатините.

Повеќе од 1.400 луѓе се убиени во Израел, од кои повеќето цивили, за време на упадите на Хамас преку граничната ограда. Околу 200 од нив биле киднапирани.

Израелската војска во четвртокот соопшти дека ги известила семејствата на 203 киднапирани, меѓу кои и околу 30 деца.