Израел соопшти дека го одобрил повторното отворање на преминот Ерез во северниот дел на Појасот Газа и привременото користење на пристаништето Ашдод во јужен Израел, по барањето на САД за зголемување на испораката на хуманитарна помош во разорената и блокирана палестинска енклава.
За време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот вечерта, американскиот претседател Џо Бајден побара „специфичн, конкретни“ чекори за олеснување на хуманитарната криза во Газа, велејќи дека САД може да ја променат својата политика кон Газа доколку Израел не дејствува за да ја осигура безбедноста на палестински цивили и хуманитарни работници.
Зголемениот притисок врз Израел уследи по убиството на седум хуманитарни работници во израелски напад во понеделникот вечерта, што предизвика глобален гнев поради тековната криза околу испораката на помош во опколената енклава. На состанокот на безбедносниот кабинет доцна во четвртокот ноќта биле одобрени итни чекори за зголемување на хуманитарната помош за цивилното население во Појасот Газа, се вели во израелското соопштение.
Покрај повторното отворање на преминот Ерез, кој беше затворен откако беше уништен за време на нападот врз Израел на 7. октомври, безбедносниот кабинет одобри и зголемување на јорданската помош преку преминот Керем Шалом, се вели во соопштението.