Израел го потврди ослободувањето на 30 Палестинци во замена за ослободените 10 заложници во Газа

Израелската затворска служба соопшти рано во петокот дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа.

Во соопштението затворската служба објави дека Палестинците се ослободени од затворите во Израел, окупираниот Западен брег и Ерусалим.

Триесетте Палестинци ослободени се во замена за ослободување на 10 израелски заложници во Појасот Газа на седмиот ден од договорот за хуманитарна пауза, а двајцата руски државјани ослободени претходно вчера се вклучени во оваа листа, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар во објава ноќта на X.

Меѓу Палестинците ослободени од израелските затвори има 23 малолетници и седум жени, додека осумте израелски државјани кои беа ослободени во четвртокот како дел од договорот вклучуваат две малолетници и шест жени, вклучително и двојни државјани од Мексико, Русија и Уругвај, додаде портпаролот на катарската дипломатија Маџед ал-Ансари.

Двајца израелски државјани беа предадени на Црвениот крст во градот Газа, објави Тел Авив во четвртокот попладнето, додека другите заложници беа ослободени подоцна во доцните ноќни часови, откако примирјето меѓу Израел и Хамас беше продолжено непосредно пред истекот на истиот.

Израелската војска во четвртокот вечерта потврди дека шест израелски заложници се ослободени во Појасот Газа и дека се „на пат кон Израел“, како дел од договорот со Хамас.

Вооруженото крило на Хамас, Бригадите Изадин ал Касам, објави дека шесте заложници „се предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Појасот Газа“. „Седмата група сега е целосно ослободена, по претходното ослободување на двете жени заложници“, објави вооруженото крило на Хамас.