Израел го турка регионот во тотална војна, обвинија Ирак, Египет и Јордан

Израел го турка регионот во тотална војна, предупредија шефовите на дипломатиите на Египет, Ирак и Јордан во заедничката изјава објавена во средата, осудувајќи ја „израелската агресија врз Либан“.

Зборувајќи за „опасната ескалација која е во тек во регионот“, министрите оценија и дека „запирањето на ескалацијата започнува со запирање на израелската агресија во Газа“, се вели во заедничката изјава на трите земји по состанокот на министрите за надворешни работи во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Тројцата министри за надворешни работи ја споменаа и организацијата на трипартитниот самит на челниците на трите земји што ќе се одржи во египетската престолнина Каиро.

„Министрите ја осудија израелската агресија врз Либан и тврдат дека Израел го турка регионот кон отворена војна“, се додава во текстот, повикувајќи се „меѓународната заедница и Советот за безбедност да преземат одговорност за запирање на војната“.

Тензиите меѓу либанското шиитско движење Хезболах и Израел се зголемија последните денови, зголемувајќи ги стравувањата од голем регионален конфликт поттикнат од војната во Газа.

Од понеделникот, интензивните израелски напади се насочени кон упоришта на проиранското шиитско движење во јужен и источен Либан, како и во јужните предградија на Бејрут. Во нападите загинаа повеќе од 500 луѓе и речиси 2.000 се ранети, а десетици илјади панично се евакуираа.

Првата ракета на Хезболах во Тел Авив

Хезболах реагираше со гаѓање на северот на Израел и во средата соопшти дека со балистичка ракета го нападнал главното седиште на Мосад, израелската надворешна разузнавачка служба, во близина на Тел Авив.

Израелската војска соопшти дека пресретнала ракета за која рече дека е „првата“ истрелана од либанското движење кон Тел Авив.

„Ова е првпат ракета на Хезболах да стигне до областа на Тел Авив, таа беше пресретната од израелската армија“, тврдеше портпаролот на армијата за AFP.

Сирените за предупредување се огласија во средата во трговскиот главен центар на Израел, Тел Авив, откако системите за противвоздушна одбрана пресретнале ракета „земја-земја“ која била откриена како преминува од Либан, соопшти израелската војска.

Нема извештаи за штети или жртви.

Либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, истрела стотици проектили и ракети врз северен Израел во последните денови, бидејќи остро се интензивираше повеќемесечниот конфликт преку границата со јужен Либан.

Израелската војска ги започна своите најтешки воздушни напади во војната оваа седмица, гаѓајќи наводно воени лидери на Хезболах и погоди стотици цели длабоко во Либан.