Израел го „задржува правото да ја продолжи војната против Хамас, порача Нетанјаху

Израел го задржува правото да ја продолжи војната против палестинското милитантно движење Хамас во секое време, со поддршка од САД, според условите на договорот за прекин на огнот што треба да стапи на сила во недела, изјави во саботата вечерта премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Во своето прво обраќање до нацијата по договорениот прекин на огнот, Нетанјаху рече дека Израел го задржува правото да продолжи да се бори против Хамас „ако е потребно“, односно доколку натамошните преговори пропаднат.

„Како што ви ветив, го променивме лицето на Блискиот исток и како резултат на тоа, Хамас остана поразен и сам“, нагласи Нетанјаху.

Вети и дека ќе ги врати сите заложници кои се држат во Газа. Додаде дека 33 „браќа и сестри“ ќе се вратат дома, од кои повеќето сѐ уште се живи, поради „нашиот (израелски) цврст став“.

Египет, еден од посредниците во постигнувањето на прекинот на огнот, во саботата објави дека Израел во првата фаза ќе ослободи 1.890 палестински затвореници во замена за 33 израелски заложници кои ги држел Хамас.

Нетанјаху рече и дека договорот за прекин на огнот е постигнат благодарение на помошта на американскиот претседател Џо Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Израелскиот премиер претходно изјави дека Израел нема да продолжи со процесот за прекин на огнот додека не добие список од 33 заложници кои Хамас треба да ги ослободи во првата фаза од договорот.

„Нема да продолжиме со договорот додека не добиеме список на заложници кои ќе бидат ослободени, како што е договорено. Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Единствена одговорност е на Хамас“, рече Нетанјаху.

Според договорот за прекин на огнот, имињата треба да бидат доставени најмалку 24 часа пред времето на размена, што беше одредено во 16 часот по локално време, или во 15 часот по средноевропско време. Според израелски извори, палестинската група Хамас сз уште не ги соопштила имињата на тројцата заложници кои треба да бидат ослободени во недела.

Шестнеделниот прекин на огнот треба да стапи на сила во недела, кога ќе се одржи првата од серијата размени.