Израел го зголеми бомбардирањето на Газа на првата годишнина од војната

Израел ја засили својата воздушна и копнена офанзива во палестинската енклава Појасот Газа со дополнителни напади врз милитантите и командните пунктови на Хамас во понеделникот, на првата годишнина од војната што уништи поголем дел од крајбрежната енклава и засекогаш ги промени животите на Палестинците.

Хамас објави дека го погодил трговскиот центар во израелската финансиска престолнина Тел Авив со низа проектили, поради што се огласиле сирени во централниот дел на Израел. Две лица се полесно повредени, соопшти израелската служба за итни случаи.

Ракетниот напад ја покажа способноста на Хамас да продолжи да возвраќа и покрај долготрајната израелска офанзива насочена кон уништување на неговите борбени способности, една година откако ненадејниот упад на Хамас во јужен Израел ја поттикна војната.

Помалиот сојузник на Хамас, екстремната групација Исламски џихад објави дека ракети ги погодиле Сдерот, Нир Ам и други израелски градови во близина на границата со Газа. Израелската војска соопшти дека пресретнала пет ракети лансирани од Газа.

Милитантите предводени од Хамас изведоа напад без преседан според координацијата и бројноста но и исклучителната свирепоста во пограничните воени бази, кибуци и градови во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 луѓе, од кои малку над 300 се припадници на израелските одбранбени вооружени формации, земајќи околу 250 заложници, според израелските податоци.

Во израелската воена кампања што следеше подоцна истиот ден, најмалку 42.000 Палестинци се убиени, од кои две третини се деца и жени, а речиси сите од 2,4 милиони жители се неколкупати раселнувани во малата и тесна крајбрежна енклава велосно разорена, а е предизвикана е незапаметена криза со храна и здравстенва помош.

Израел тврди дека милитантите се кријат во станбени области на густо населената територија, вклучително и во училиштата и болниците, што Хамас го негира.

Израелските тенкови напреднаа во понеделникот во Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Газа, откако го опколија, велат жителите. Набргу по ракетниот напад, израелската војска ги прошири наредбите за евакуација на областите во северните градови Беит Ханун и Беит Лахија.

Жителите рекоа дека израелските сили ја гаѓале Џабалија од воздух и од земја, а болничарите рекоа дека неколку Палестинци загинале, а спасувачите не можеле да стигнат до некои од жртвите.

Израелската војска објави дека убила десетици милитанти и уништила воена инфраструктура во Џабалија, велејќи дека операцијата ќе продолжи да го спречи Хамас да се реорганизира.

Во централниот град Деир Ал-Балах, каде што се засолниле милион раселени луѓе, израелски воздушен напад ги погоди шаторите во комплексот на болницата Ал Акса, при што беа повредени 11 лица, соопштија палестинските болничари. Израелската војска соопшти дека наводно ги погодила милитантите на Хамас кои наводно оперирале од командниот центар во болницата.

Помина точно една година од нападот на Хамас на 7 октомври, кој предизвика конфликт на повеќе фронтови ширум Блискиот исток, при што Израел нагло ја ескалира својата кампања против проиранското милитантно движење Хезболах во Либан.

Израелскиот претседател Исак Херцог го повика светот да го поддржи Израел во неговата борба против неговите непријатели, говорејќи во понеделникот по повод одбележувањето на годишнината од терористичките напади кои го потресоа светот и ја поттикнаа израелската војна против Хамас во Газа.

„Ова е лузна на човештвото. Ова е лузна на лицето на Земјата“, рече Херцог на местото на музичкиот фестивал „Нова 2023“ во близина на границата со Газа.

Палестинците во Газа во понеделникот ја изразија својата очајна желба да се вратат на нивните предвоени животи.

„Пред 7 октомври луѓето имаа соништа. Јас како татко имам шест деца, мојот најголем товар беше како да им обезбедам дом и сопружници. Но по 7 октомври тоа пропадна. По 58 години работа, за мене, како и мојот татко, сè се претвори во прав и камења“, изјави за Reuters Абу Хасан Шахин.

Калед Мешал, шефот на политичкото крило на Хамас во егзил, во понеделникот ги повика арапските и муслиманските земји да отворат „нови фронтови на отпор (против Израел) за (палестинската) слобода и достоинство“.