Израел и Хамас ги прават списоците со лицата за размена, се преговара за продолжување на примирјето

Израел и палестинската милитантна група Хамас подготвуваат списоци на израелски заложници и палестински затвореници кои треба да бидат ослободени во понеделникот вечерта, последниот ден од договорениот четиридневен прекин на огнот за чиешто продолжување работат посредниците од неколку земји.

Официјалниот претставник, кој зборуваше за Reuters под услов да остане анонимен, рекол дека катарските преговарачи соработуваат со преговарачите од Хамас и од Израел за да ги решат нејаснотијата за да се избегне одложување на денешното ослободување на заложниците и затворениците.

Хамас ноќта кон понеделникот соопшти дека е склон да го продолжи прекинот на огнот со цел да ослободи што е можно повеќе палестински затвореници од затворите во Израел. Израелски функционер го повтори израелскиот став артикулиран претходно во понеделникот дека се подготвени да го продолжат прекинот на огнот за секој ден во кој се ослободуваат дополнителни десет заложници.

„Денеска имаше одредена конфузија со списоците за ослободување. Катарските преговарачи работат со двете страни за да го решат ова и да избегнат одложувања“, рече официјалниот претставник.

Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малики во понеделникот изјави дека Катар, Египет, САД, Европската унија и Шпанија работат на привремено продолжување на прекинот на огнот.

Ал-Малики повика на траен прекин на огнот за да се запре со убиствата на цивили и рече дека прекинот на огнот може да се продолжи „за еден, два, три дена, но никој не знае како ќе биде“. Ал-Малики ја даде изјавата на прес-конференцијата што тој и неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес ја одржаа на форумот на Унијата за Медитеранот што се одржа во Барселона.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара во понеделникот да се продолжи примирјето, кое треба да заврши на полноќ кон вторник.

„Повикувам на продолжување (на прекинот на огнот) што ќе овозможи да се достави поголема помош до населението кое има голема потреби и да се овозможи ослободување на другите заложници“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.

Израел претходно соопшти дека во текот на ноќта добил список на заложници што требало да бидат ослободени. Тој список се ревидира, соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека ќе објави други информации што е можно поскоро.

Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Катар а со поддршка на Егишет и САД, стапи на сила во петокот и со него до крајот на неговото траење е предвидено ослободување на 50 од околу 240 заложници земени од Хамас во замена за ослободување на 150 палестински затвореници од затворите во Израел.

Според договорот според принципот „еден заложник за тројца затвореници“, оттогаш се ослободени 39 заложници според договорот и 24 заложници надвор од рамката, главно тајландски државјани кои работеле во Израел, и 117 палестински затвореници, главно деца и тинејџери, како и жени, се ослободен од израелските затвори.

Една од точките на договорот предвидува продолжување на прекинот на огнот со цел секојдневно ослободување на десет нови заложници од рацете на Хамас во замена за триесетина палестински затвореници.