Израел и Хамас негираат дека има прекин на огнот во Газа

Во моментов нема примирје на сила во Појасот Газа, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Во моментов нема прекин на огнот за хуманитарна помош во Појасот Газа и излез на странци“, посочуваат од канцеларијата.

Претходно ТВ каналот Ал Арабија објави дека петчасовниот прекин на огнот ќе стапи на сила во јужниот дел на Газа во 9 часот по локално време (6 часот по Гринич). Сепак, израелската армија соопшти околу 9:00 часот сирените за воздушен напад двапати се активирале во јужниот дел на Израел, на границата со Појасот Газа.

Радикалното движење Хамас, исто така, ги негираше извештаите за прекин на огнот во Газа. Изат ал Ришк, портпарол на Хамас, на Телеграм рече дека медиумските извештаи за прекинот на огнот се невистинити.

Тензиите на Блискиот исток повторно се разгореа откако милитантите на Хамас се инфилтрираа во Израел од Појасот Газа на 7 октомври. Палестинското движење го опиша својот напад како одговор на акциите на израелските власти против џамијата Ал Акса во Ерусалим. Израел најави целосна блокада на Газа и почна да изведува напади врз палестинската енклава, како и врз одредени области во Либан и Сирија. Судири има и на Западниот Брег. Повеќе од 2.700 Палестинци се убиени, а околу 10.800 се здобиле со рани; во Израел, бројот на загинати е околу 1.500, а речиси 4.000 луѓе се ранети.