Израел и Хамас преговараат за продолжување на примирјето во Газа

Преговорите за продолжување на примирјето во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас продолжија преку посредници во средата, последниот ден од претходно договореното примирје.

Семејствата на израелските заложници во средата биле информирани за имињата на оние кои ќе бидат ослободени во подоцна во текот на денот, објави израелската јавна телевизија Kan. Тоа ќе биде последната ослободена група во ова примирје доколку преговарачите не успеат да го продолжат.

Хамас објави список од 15 жени и 15 деца и тинејџери кои Израел треба да ги ослободи од затвор за возврат.

Палестински претставник за Reuters изјавил дека и покрај подготвеноста на двете страни да го продолжат примирјето, сè уште нема договор. Во тек се преговори со посредниците Египет и Катар, рекол претставникот.

Портпаролот на израелската влада Ејлон Леви рече дека Израел ќе го разгледа секој сериозен предлог, но одби да елаборира.

„Правиме сѐ што можеме за да ги извлечеме овие заложници. Ништо не е потврдено додека не се потврди. Зборуваме за многу чувствителни преговори во кои човечки животи висат на конец“, им рече Леви на новинарите во Тел Авив.

„Борбите ќе продолжат откако ќе бидат ослободени сите заложници. Војната ќе заврши со крајот на Хамас“, нагласи Леви.

Милитантите од Газа досега ослободија 60 израелски жени и деца од вкупно 240 заложници што ги заробија во смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври. Дваесет иеден странец, главно тајландски земјоделски работници, беа ослободени под одделни паралелни преговори. За возврат, Израел ослободи 180 палестински затвореници, сите деца, тинејџери и жени.

Првично договореното четиридневно примирје беше продолжено за 48 часа во вторникот, при што Израел рече дека би бил подготвен да го продолжи примирјето доколку Хамас ослободи 10 заложници дневно. Имајќи предвид дека мал број жени и деца сè уште се во заложништво, тоа би можело да значи прифаќање на условите со кои се регулира ослободувањето на некои израелски мажи.

Во вторникот првпат беа ослободени заложниците кои ги држеше Исламскиот џихад. Способноста на Хамас да обезбеди ослободување на заложниците кои ги држат други милитантни групи беше тема на претходните преговори.

Според израелските власти, примирјето ја обезбеди првата пауза во војната на Израел против Хамас по „Црниот Шабат“, или нападите на вооружени лица во кои загинаа 1.200 луѓе на еврејскиот празник.

Израелските бомбардирања направија целосен пустош во голем дел од Појасот Газа. Според податоците на палестинските здравствени власти, кои Обединетите нации ги сметаат за сигурни, загинаа повеќе од 15.000 луѓе, од кои 40 отсто деца.

Се стравува дека многумина се под урнатините. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека уште 160 тела биле извлечени од урнатините во последните 24 часа од прекинот на огнот, а околу 6.500 луѓе се водат како исчезнати.