Израел во средата испрати тела на 88 Палестинци убиени во воената офанзива во Појасот Газа, кои Министерството за здравство на енклавата одбива да ги погреба пред израелските власти да ги открјат деталите за нивниот идентитет и каде се убиени.
Телата биле донесени во Газа во контејнер натоварен на камион преку премин под израелска контрола, но според палестинските власти нема информации за имињата или возраста на жртвите, ниту, пак, за локацијата каде загинале овие луѓе.
Здравствените работници во болницата „Насер“ во Кан Јунис одбија да ги примат и пограбаат, повикувајќи го Меѓународниот комитет на Црвениот крст (MKCK) да побара и да добие детали за жртвите од Израел.
Шефот на владината канцеларија за медиуми во Газа, управувана од Хамас, рече дека претставници на Министерството за здравство му рекле на возачот на камионот да ги врати палестинските тела на израелскиот премин од каде што пристигнале. Камионот потоа ја напуштил болницата, а Црвениот крст соопшти дека не е вклучен во процесот на транспортирање на телата на настраданите.
„Повторуваме: сите семејства имаат право да добиваат вести за своите најблиски и да ги погребаат со почит и во согласност со нивните сопствени традиции“, се вели во соопштението објавено од MKCK.
„Според меѓународното хуманитарно право, секој што загинал за време на вооружен конфликт мора да биде третиран со достоинство. Законот бара телата да се бараат, собираат и евакуираат, што помага да се осигура дека луѓето не се сметаат за исчезнати“, се додава во соопштението на MKCK.