Израел извел голем напад врз Бејрут, цел бил лидерот на Хезболах

Израелската армија во петокот објави дека го нападнала наводниот централен штаб на либанското шиитско движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут.

Телевизијата Al Manar, која е блиска на Хезболах, објави дека шест згради биле уништени и дека има многу жртви во повеќекратните напади. Досега официјално е потврдено загинување на две лица.

Портпаролот на израелската армија контрамиралот Даниел Хагари во телевизиска изјава тврдеше дека централниот штаб на движењето кое дејсвува и како политичка партија со мноштво места во либанскиот парламент, се наоѓа во цивилна област.

Неименувани безбедносни извори во Либан рекле за Reuters дека нападот бил насочен кон област каде што обично се сместени највисоките функционери на Хезболах.

Радиото на израелската армија соопшти дека авионите „F-35“ го извшиле нападот користејќи бункер-разбивачки бомби. Израелските медиуми објавија дека владата на Нетанјаху ги информирала Соединетите држави за нападот непосредно пред да биде извршен.

Либанските медиуми јавија дека припадници на Цивилната одбрана работат на гаснење на пожарот којшто избувнал во областа и на евакуација на повредените.

Либанскиот привремен премиер Наџиб Микати реагираше на нападот, велејќи дека меѓународната заедница „мора да го одврати израелскиот агресор и да ја запре неговата тиранија и војната за истребување што ја води против Либан“.

Микати рече дека израелскиот напад го покажува немањето интерес на власта во Израел да се слушнат меѓународните повици за прекин на огнот.

Станува збор за најголемиот напад на Бејрут во речиси една година размена на баражен оган меѓу Хезболах и Израел.

Челникот на Хезболах, Хасан Насрала, бил цел на нов израелски напад врз јужните предградија на Бејрут и израелската армија проверува дали е погоден, објави американскиот портал Axios, повикувајќи се на израелски извор.

Насрала е жив, изјавил во петокот вечерта за Reuters извор близок до вооруженото движење.

Нападот бил извед е н речиси истовремено кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации вети дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах во Либан, урувајќи ги надежите за прекин на огнот што би можел да спречи сеопфатна регионална војна.