Израел мора да го почитува военото право, порачаа САД

Израел не е исклучок од американската политика според којашто секоја земја што добива американско оружје мора да ги почитува законите на војната, соопшти Стејт департментот откако Вашингтон му продаде околу 14.000 тенковски гранати на Израел без ревизија од Конгресот.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден во петокот употреби вонредни овластувања според Законот за контрола на извозот на оружје за да ја овозможи продажбата на овој вид муниција во вредност од 106,5 милиони долари, како што објави претходно во саботата Пентагон.

САД очекуваат сите држави кои добиваат американска воена помош да ја користат „со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право и законот за војна и Израел не е исклучок од тоа“, изјави за новинарите во понеделникот портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Милер беше прашан од новинарите дали Вашингтон утврдил дали Израел ја почитува американската политика за трансфер на конвенционално оружје од февруари оваа година. Политиката наложува Стејт департментот да утврди дека оружјето нема да се користи за геноцид, злосторства против човечноста, кршење на Женевските конвенции и тешки прекршувања на меѓународното право.

Милер рече дека Стејт департментот тоа не го утврдил и ја повтори американската позиција дека Израел може да стори повеќе во конфликтот во Газа за да ги намали цивилните жртви.

Запрашан дали САД собираат информации за тоа дали се извршени воени злосторства во тој конфликт, Милер одовори: „Ние следиме сѐ што се случува во тој конфликт. Разговараме со израелската влада“.