Израелското Министерство за надворешни работи во четвртокот ги предупреди амбасадорите на Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинската држава ќе има „тешки последици“.
„Ќе има тешки последици во односите со овие земји поради нивната одлука“, најави Јааков Блиштајн, генерален директор на Министерството за надворешни работи, по средбата со амбасадорите.
Тие беа поканети на разговори еден ден откако нивните земји објавија дека ќе ја признаат Палестина на 28 мај.
На средбата на амбасадорите им беше прикажано видео од киднапирањето на пет жени војници за време на терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври. Во видеото во траење од околу три минути, кое во средата го објавија светските медиуми, млади жени седат на подот со раскрвавени лица и врзани раце во базата Нахал Оз на југот на Израел.
Извлечено е од две долги снимки од камера којашто наводно ја носел еден од милитантите на Хамас за време на нападот, се тврди во соопштението на Family Forum, израелско здружение на семејства на заложниците.
За време на состанокот во четвртокот, Блиштајн „ги прекори амбасадорите за перверзната одлука на нивните влади да ја признаат палестинската држава“, се вели во соопштението на Министерството. Се додава дека ова признавање ќе го отежне постигнувањето договор за ослободување на заложниците кои беа приведени во Газа од 7 октомври.
Координираната одлука на Осло, Даблин и Мадрид беше донесена неколку дена откако обвинителот за воени злосторства на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) истовремено поради можно сторени воени злосторства од судиите на МКС повара да ги одобрат налозите за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант и тројца лидери на Хамас
Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој посети неколку земји за да добие поддршка за палестинското признавање, рече дека одлуката ќе ги зајакне напорите за постигнување решение со две држави. Израел жестоко реагираше и веднаш ги отповика своите амбасадори од тие три земји „на консултација“.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во средата рече дека заедничката објава на европските земји е „награда за тероризмот“, додавајќи дека суверена палестинска држава би била „терористичка држава“.