Израел најави жалба на налозите за апсење на МКС

Израел го информираше Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) дека ќе ги оспори налозите за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за дејствија во војната во Газа, соопшти во средата канцеларијата на Нетанјаху.

Канцеларијата, исто така, соопшти дека американскиот републикански сенатор Линдзи Греам го информирал Нетанјаху „за низата мерки што ги промовира во американскиот Конгрес против Меѓународниот кривичен суд и против земјите кои би соработувале со него“.

Минатиот четврток МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху, поранешниот министер за одбрана Галант и воениот шеф на Хамас Ибрахим aл-Масри, попознат како Мохамед Деиф, за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во конфликтот во Газа.

Уште на 20-ти мај, обвинителот на МКС, Карим Кан, објави дека бара налози за апсење за наводни злосторства поврзани со нападите на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и одговорот на израелската војска во Газа.

Израел ја отфрла јурисдикцијата на судот со седиште во Хаг и ги негира воените злосторства во Газа.

„Денеска Израел поднесе известување до Меѓународниот кривичен суд за неговата намера да поднесе жалба до судот, заедно со барање за одложување на извршувањето на налогот за апсење“, соопшти канцеларијата на Нетанјаху.

Портпаролот на судот Фади Ел Абдалах изјави за новинарите дека судиите ќе одлучуваат за сите поднесени жалби.

Според правилата на судот, Советот за безбедност на ОН може да донесе резолуција со која ќе ја супсендира или одложи истрагата или гонењето за една година, со можност за обновување секоја година. По издавањето на налогот, лицето наведено во налогот за апсење или државата исто така може да ја оспори надлежноста на судот или валидноста на случајот.

Од 2021 година, судот во Хаг ги истражува израелските одбранбени сили и палестинската терористичка организација Хамас за наводни воени злосторства на палестинските територии – Појасот Газа, окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.

Во 2021 година судот пресуди дека има јурисдикција над палестинските територии окупирани по 1967 година – Западниот брег и Појасот Газа. Сепак, ниту САД ниту Израел не го признаваат судот.