Израел наложи сите жители да го напуштат градот Газа

Израелската армија им порача на сите жители на Газа да го напуштат централниот град во палестинската енклава, што според набљудувачите е знак за неизбежни нови воени операции, пренесува во средата агенцијата.

Во прогласот објавен на арапски јазик, портпаролот на израелската армија наведува дека жителите треба да го напуштат градот во северниот дел на Појасот Газа и да се засолнат во градовите Деир ал-Балах и Ал-Завија во центарот на палестинската енклава.

Тој, исто така, опиша по кои рути може да се движат без да наидат на контролни пунктови. Градот Газа, предупреди портпаролот, е „опасна борбена зона“.

Медиумите објавија дека израелската армија утрото во средата поделила летоци во градот и ги повикала луѓето да се евакуираат.

Во последните седмици израелската армија ги повика жителите на неколку градски области да се иселат. Оттогаш, забележани се повеќе судири во овие области, вклучително и во Шеџаија. Последниот повик се однесува на целото градско подрачје.

Израелските војници извршија борбени операции во градот Газа на почетокот на војната, во октомври минатата година. Оттогаш, борците од палестинското милитантно движење Хамас се обидуваат да се прегрупираат, како во градот Газа, така и во другите делови на енклавата. Градот Газа е меѓу областите најтешко погодени од воено уништување и речиси е целиот срамнет со земјата.

Меѓународните организации постојано предупредуваат дека наредбите за евакуација предизвикуваат уште полоша хуманитарна катастрофа во пренаселената крајбрежна енклава особено што досега редовно се случуваше израелската војска да изведе напади токму врз зоните кои претходно на Палестинците им ги посочила како таканаречените „безбедни зони“.