Израел ѝ наметнува целосна блокада на Газа

Израелскиот министер за одбрана Јоав Халант објаво во понеделникот дека ќе биде наметната „целосна блокада“ на палестинската енклава Појас Газа, трет ден по стравичниот напад на радикалното палестинско движење Хамас врз Израел.

„Наметнуваме целосна блокада на Газа. Нема струја, нема вода, нема гас, сѐ е затворено. Се бориме против тие ѕверови и дејствуваме во согласност со тоа“, истакна министерот Галант во видео-снимката што ја објави неговиот кабинет.

Израелската страна сѐ уште не ја ажурираше бројката од 700 жртви објавена во неделата ноќта од почетокот на нападите на Хамас од Појасот Газа од саботата утрото, а во израелскиот одговор во Појасот Газа се убиени 493 лица.

Во понеделникот сирените за тревога од воздушни удари се огласија во двата најголеми израелски градови Тел Авив и Ерусалим, а очевидци за Reuters рекле дека во Ерусалим се слушнале експлозии кои би можеле да бидат последица од удар на ракета или нејзино пресретнување во воздухот.

Во салвите ракети истрелани врз областа на Тел Авив во понеделникот не е зафатен главниот израелски меѓунаорден аеродром „Бен Гурион“, соопштија од операторот на израелските аеродроми.

Некои видое снимки на интернет покажуваат како се издига чад од аеродромот „Бен Гурион“. Портпаролот одговори дека станува збор за пресретнување на ракета во воздухот и можен удар во блиското село.

 

Појасот Газа, област опустошена од насилство и сиромаштија

Појасот Газа, сцената на новата војна со Израел, е палестинска енклава со којашто управува исламистичкото движење Хамас откако во 2007 година ги протера функционерите на Палестинската управа од движењето Фатах на претседателот Махмуд Абас чие седиште во Рамала на Западниот брег (на реката Јордан) , којашто со децении се бори со насилство и сиромаштија.

Газа се граничи со Израел на север и исток, со Средоземното Море на запад и со Египет на југ. Тоа е тесна територија од 360 квадратни километри (нешто помалку од површината например од среден медитерански остров), долга 41 километар и широка шест до 12 километри. А во неа живеат повеќе од два милиона Палестинци, или речиси 6.000 жители на квадратен километар, што е една од најголемите густини на население во светот.

Благодарение на локацијата Тел ес-Сакан, откриена во 1998 година, археолозите можат да потврдат дека утврдениот ханаански град бил континуирано населен од 3200 до 2000 година п.н.е. во она што сега е Појас Газа. Подоцна во историјата Газа била под асирска, вавилонска, римска, арапска и христијанска доминација.

Во XX век Газа потпадна под египетска управа во 1948 година, набргу по прогласувањето на Државата Израел. Територијата потоа беше окупирана од Израел по ткн Шестдневна арапско-израелската војна во 1967 година.

На 12-ти септември 2005 година, Израел еднострано се повлече од Појасот Газа, каде што две години подоцна Хамас, исламистичко движење кое Израел и многу западни земји го сметаат за терористичка организација, дојде на власт.

Во јуни 2006 година, Израел изведе копнена, воздушна и морска блокада на енклавата по киднапирањето на израелски војник кој беше ослободен во 2011 година. Еврејската држава ја засили својата блокада во јуни 2007 година кога Хамас ја собори палестинската управа на Махмуд Абас од Газа.

Единствениот излез од Газа кој не е под израелска контрола е граничниот премин Рафах со Египет.

Лишен од природни ресурси, Појасот Газа страда од хроничен недостиг на вода и гориво. Невработеноста погодува половина од населението, вклучувајќи три четвртини од младите луѓе.

Повеќе од две третини од населението зависи од хуманитарна помош. Истиот дел живее под прагот на сиромаштија.

Од 2008 до 2021 година, израелската војска ја нападна Газа четири пати за да ги спречи нападите на Хамас врз Израел, да ја уништи неговата инфраструктура што се користи за тие напади и да ги убие нејзините водачи.