Израелската војска бомбардира цели во јужниот, северниот и централниот дел на Газа во понеделникот пред очекуваното соопштение на Хамас за судбината на тројца Израелци коишто палестинските милитантни групи ги држат како заложници, прикажано во видео изминатиот викенд.
Дванаесет Палестинци загинаа, а други се ранети во израелски воздушен напад во текот на ноќта врз куќа во северниот град Газа, соопштија здравствените власти, додека столбови од чад се издигаат над јужниот главен град Кан Јунис, кој беше гранатиран од израелски тенкови.
Палестинската новинска агенција SAFA, поврзана со Хамас, извести за жестоки судири меѓу милитантите на Хамас и израелските сили во Kан Јунис, додека израелските тенкови отвораат баражен оган во близина на бегалските кампови Ал-Бурејџ и Ал-Магази во центарот на Газа. Во бегалскиот камп Ал-Нусеират, локалната новинарка Доа Ел-Баз прикажа снимка од она што порано беше улицата каде што живееше, пренесува Reuters.
„Целата населба беше уништена. Ниту една куќа не беше поштедена. Тука ни ги убија сите соништа. Куќата во која пораснав и го поминав целото мое детство“, вели Баз со треперлив глас стоејќи пред купот урнатини во снимката што ја емитуваше британската агенција.
Комуникациите низ тесниот крајбрежен Појас Газа останаа прекинати четврти ден по ред, велат жителите.
Во соопштението, израелската војска соопшти дека убила двајца палестински борци во воздушен напад врз нивното возило додека наводно превезувало оружје во Кан Јунис и дека траел нападот врз команден центар на Хамас во тој град и погодиле две складишта за оружје.
Тројцата заложници беа меѓу околу 240-те заробени од милитантите на исламистичкиот Хамас за време на ненадејниот прекуграничен напад врз јужен Израел на 7 октомври. Тој напад на Хамас, во кој според Израел беа убиени повеќе од 1.200 луѓе, предизвика воздушни и копнени напади на израелската армија, која за повеќе од 100 дена го претвори околу 85 отсто од Газа во пустош и според здравствените власти, загинаа околу 24.100 луѓе, а ранети се близу 61.000 други.
Израелската војска најави дека неколку месеци ќе изведува повеќе насочени операции против лидерите и позициите на Хамас на југ, по првичната сеопфатна офанзива насочена кон расчистување на северниот дел на Појасот.
Речиси два милиони раселени луѓе се засолниле во шатори и други привремени сместувања поради борбите на југот, а на малата територија и се заканува глад и болести поради хроничниот недостиг на храна, гориво и лекови. Во понеделникот, агенциите на Обединетите нации повторно апелираат за хуманитарен прекин на огнот во Газа.
„Потребен ни е непречен, безбеден пристап до испораката на помош и хуманитарен прекин на огнот за да се спречи понатамошна смрт и страдање“, рече Тедрос Аданом Гебрејесус, шеф на Светската здравствена организација (СЗО – WHO), додавајќи дека гладот дополнително ќе им наштети на болните и ќе направи „веќе ужасната ситуација станува катастрофална“.
Во неделата Хамас објави видео на кое се гледаат тројца израелски заложници во Газа и ја повикаа израелската влада да ја запре воздушната и копнената офанзива и да дозволи нивно ослободување. Во видеото кое трае 37 секунди без датум, се прикажани 26-годишната Ноа Аргамани, 53-гпдишниот Јоси Шараби и 38-годишниот Итаи Свирски, а завршува со пораката: „Утре (понеделник) ќе ве информираме за нивната судбина“.
Околу половина од 240-те заложници кои Хамас ги зеде при упадот во јужен Израел на 7-ми октомври беа ослободени за време на краткотрајното примирје во ноември, но Израел вели дека 132 остануваат во Газа, а 25 загинале во заложништво.