Израел нанесе воздушен удар врз камп за обука на палестинското исламистичко движење Хамас кое управува со енклавата Појасот Газа, како одговор на ракетните напади од оваа територија врз еврејската држава во понеделникот, соопшти Армијата за одбрана на Израел.
„Како одговор на лансираната ракета врз територијата на Израел во понеделникот вечерта, авион на воздухопловните сили на Израел нанесе удар на воен камп кој му припаѓа на терористичкото движење Хамас во јужниот дел на Појасот Газа“, се наведува во соопштението и се додава дека „Армијата за одбрана на Израел ги смета движењето Хамас за одговорно за сите настани кои се случуваат во овој сектор“.
Во понеделникот вечерта најмалку една ракета била лансирана од територијата на крајбрежната палестинска енклава врз територијата на Израел, но притоа нема извештаи за настрадани или штети.
Од декември врз израелската територија биле истрелани околу 40 ракети, а една од нив во средината на месецот падна во детска градина во градот Сдерот, втора експлодираше причинувајќи штети на паркирани возила на улица во истиот град, пет биле пресретнати од противвоздушната одбрана на Израел, а уште една падна врз станбен објект во област близу границата со Појасот Газа.
Немаше информации за жртви или настрадани во сите овие ракетирања. Израелската војска како одговор нападна околу 40 воени позиции и објекти на движењето Хамас во Газа, при што загинале најмалку двајца Палестинци, а околу 30 биле ранети.
Ракетирањата врз еврејската држава од Појасот Газа беа обновени по речиси три месеца пауза по 6-ти декември, откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука да се ефектуира речиси дводеценискиот закон за признавање на Ерусалим за главен град на Државата Израел, како и започнување на процесот на преселување на американската амбасада во овој град од Тел Авив. Прашањето на статусот на Ерусалим е најжешкото прашање во долгите израелско-палестински мировни преговори, бидејќи Израел го смете за своја „вечна и неделива“ престолнина, додека Палестинците сакаат источниот дел од градот заземен во израелските сили во ткн Шестдневна војна во 1967 година, да биде главен град на нивната идна држава.