Израелската армија, која води повеќенеделна офанзива во северниот дел на Газа, им нареди на сите жители што останаа во Беит Ханун да го напуштат градот во неделата, како причина наведувајќи наводен оган од палестинските милитантин од таа област.
Наредбата за заминување од градот предизвика нов бран на раселување, иако не е јасно колку луѓе се погодени, велат за Reuters жителите со кои контактирала агенцијата.
Израел тврди дека неговата речиси тримесечна офанзива во северниот дел на Газа е насочена кон милитантите на Хамас и спречување на нивно прегрупирање и дека наредбата за евакуација има цел да ги заштити цивилите од опасности.
Палестински и претставници на Обединетите нации, сепак, велат дека нема безбедно место во енклавата Појасот Газа и дека евакуациите ги влошуваат хуманитарните услови за населението, кое и онака има недостиг од вода, храна и лекови.
Голем дел од областа околу северните градови Беит Ханун, Џабалија и Беит Лахија е исчистен од луѓе и срамнета со земја, што ги поттикна шпекулациите дека Израел има намера да ја задржи областа како затворена тампон зона по завршувањето на борбите во Газа. Во саботата израелската армија најави нов напад врз областа Беит Ханун.
Палестинските служби за итни случаи соопштија дека ја изгубиле комуникацијата со луѓето сè уште заробени во градот и дека не можеле да испратат тимови во областа поради нападот. Подоцна во неделата, во израелски воздушен напад загинаа седум лица во куќа во градот, изјавија лекарите.
Во петокот, израелските сили упаднаа во болницата „Камал Адван“ во северниот дел на Газа. Војската соопшти дека ја користеле милитантите, што Хамас го негира. Во неделата, здравствените власти соопштија дека израелска тенковска граната го погодила горниот кат на Арапската баптистичка болница „Ал-Ахли“ во градот Газа.
Палестинските здравствени власти соопштија дека израелската армија убила најмалку 23 лица во нападите врз енклавата во неделата.
Во нападот на израелската армија на горниот кат на болницата „Ал-Вафа“ во градот Газа, седум лица загинаа, а други беа ранети, некои во критична состојба, се наведува во соопштението на палестинската служба за итни случаи.
Израелската војска тврди дека цел на нападот биле припадниците на „единицата за воздушна одбрана“ на Хамас, кои дејствувале надвор од комплексот и дека членовите на Хамас го користат комплексот за планирање и извршување напади врз израелските војници во блиска иднина.