Израел: Новиот министер за одбрана вети враќање на заложниците, уништување на Хамас и Хезболах

Новоименуваниот израелски министер за одбрана, Израел Кац, вети во вторникот во својата прва објава на X по преземањето на функцијата дека негов приоритет ќе биде враќањето на израелските заложници од Газа и „уништувањето“ на палестински Хамас и либански Хезболах.

„Ќе работиме заедно за да го донесеме безбедносниот систем до победа против нашите непријатели и да ги постигнеме целите на војната: враќање на сите киднапирани како најважна мисија, уништување на Хамас во Газа, пораз на Хезболах во Либан, зауздување на иранската агресија и безбедното враќање на луѓето од северот и југот во нивните домови“, објави Кац.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно во вторникот го разреши од должноста министерот за одбрана Јоав Галант, со објаснување дека нема доверба во него поради начинот на кој ги водел израелските воени операции.

Нетанјаху го именуваше министерот за надворешни работи Израел Кац за негов наследник, а Гидеон Сар ќе биде нов министер за надворешни работи, соопшти кабинетот на Нетанјаху.

„Во екот на војната, довербата меѓу премиерот и неговиот министер за одбрана е потребна повеќе од кога било“, но „во последните месеци таа доверба е ослабена“, објасни Нетанјаху во писмото до Галант, додавајќи дека „одлучил да именува министер Израел Кац како негов наследник“.

Јоав Галант на Х возврати со одговор дека „безбедноста на Израел била и ќе остане негова животна мисија“.