Израел објави за загинати вкупно 46 војници, убиена и една заложничка

Израелската војска објави во вторникот дека во борбите во Газа загинале уште двајца војници, вкпуно 46 од почетокот на копнената инвазија во палестинската енклава Појасот Газа чијашто цел е, како што тврди Израел, да го уништи радикалното исламистичко движење Хамас.

Хамас на 7-ми октомври изведе незапаметено во неговата историја координиран и брутален напад во јужен Израел кога беа убиени 1.200 луѓе, главно цивили, од кои и 312 војници во тамошните бази и припадници на израелските безбедносни служби.

Уште истиот ден Израел започна со непрестајни напади во Газа од воздух, море и копно. Во израелското бомбардирање на Појасот Газа од 7-ми октомври, според Министерството за здравство на Хамас, загинале 11.240 луѓе, главно цивили, меѓу кои 4.630 деца.

Израелските тенкови влегоа со копнената инвазија во Појасот Газа на 27-ми октомври со цел да ја уништат инфраструктурата на Хамас и да го елиминираат како безбедносна закана за еврејската држава.

Израелската војска извести во вторникот и за смртта на Ное Мерсиано, 19-годишна жена војник која Хамас ја држел како заложничка во Газа. Хамас претходно ја објави нејзината фотографија и наведе дека е „убиена во израелско бомбардирање“.

„Војската ја прогласи војничката Ное Мерсиано од градот Модиина (…) за мртва. Неа ја грабна терористичката организација Хамас“, соопшти војската додвајќи дека е известено семејството на младата жена.

Според проценките, 240 луѓе се грабнати од јужен Израел и пренесени во Појасот Газа во нападот на 7-ми октомври. Досега се ослободени само четворица заложници, а во неделата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху спомена можност за договор за ослободување на некои заложници, што според него е услов за каков и да е прекин на непријателствата.

Во петокот борбената формација Бригадите на Ал-Касам, военото крило на Хамас, кое ја презема одговорноста за нападот од 7-ми октомври, објави дека најмалку 60 заложници загинале во израелските бомбардирања на Газа.

Западните медиуми во вторникот објавија дека Хамас е подготвен да ослободи 70 киднапирани жени и деца во замена за петдневен прекин на огнот и хуманитарна помош низ цела Газа. Групата ова им го кажала на посредниците од Катар кои преговараат. Претходно во неделата ноќта беше објавено дека Хамас се повлекол од преговорите за ослободување на заложниците поради израелското бомбардирање на болницата „Ал Шифа“, најголемата во енклавата.