Израел одобри изградба на 3.500 домови за доселениците

Израел даде зелено светло за изградба на околу 3.500 домови за доселениците на окупираниот Западен Брег, објавија денеска неколку локални медиуми.

Надлежните одобрија градежни планови за вкупно 3.476 нови станбени единици низ три израелски населби во близина на Ерусалим, објави весникот „Хаарец“.

Израелските населби на Западниот Брег се сметаат за нелегални според меѓународното право, но сегашната влада се залага за нивно проширување.

Одобрението, наводно, е одговор на палестинскиот терористички напад пред околу две недели на автопатот меѓу Ерусалим и населбата Маале Адумим. Според болничарите, најмалку еден Израелец загинал, а неколку луѓе се повредени, од кои некои потешко. Според израелската разузнавачка служба, тројцата убиени сторители на нападот биле Палестинци.

По нападот, израелскиот екстремно десничарски министер за финансии Безалел Смотрич повика на изградба на повеќе од 3.000 дополнителни домови на Западниот Брег. Според „Хаарец“, сега треба да се изградат 2.452 нови станови само во Маале Адумим.

Израел ја презеде контролата врз Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година, каде сега живеат повеќе од 700.000 доселеници меѓу околу три милиони Палестинци. Палестинците ги бараат териториите за своја држава- со главен град источен Ерусалим.