Израелската влада луто реагираше на извештаите дека САД имаат намера да воведат санкции на контроверзната единица на израелските одбранбени сили (IDF) за кршење на човековите права на Западниот брег.
„Не смеат да се наметнуваат санкции на израелските одбранбени сили“, напиша премиерот Бенјамин Нетанјаху во објава на платформата на социјалните мрежи Х, додавајќи дека неговата влада ќе се спротивстави на таквите мерки со сите расположливи средства.
Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел, рече дека воведувањето санкции за единицата ќе создаде опасен преседан и ќе испрати погрешна порака до „нашите заеднички непријатели“ во време на војна.
Американскиот информативен портал Axios објави, цитирајќи тројца соговорници запознаени со ова прашање, дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен се очекува да објави санкции против единицата „Нецах Јехуда“ за кршење на човековите права на Западниот брег во наредните денови. Ова ќе биде првпат САД да воведат санкции против израелска воена единица.
Нетанјаху на X напиша дека во последните седмици води кампања против воведувањето санкции за израелските граѓани, вклучително и преку разговори со високи претставници на американската влада.
„Во време кога нашите војници се борат со чудовиштето на теророт, намерата да се воведат санкции врз единицата е врв на апсурдноста и морална ниска точка“, напиша израелскиот премеир.
Според израелскиот весник The Times of Israel, Ганц рече дека ќе бидат преземени мерки за да се спречи оваа одлука да се донесе.
Пешадиската единица е „составен дел на израелските одбранбени сили“ и е обврзана со воено и меѓународно право. Израел има „силни и независни“ судови кои можат да се справуваат со наводните прекршувања, додаде Ганц.
Санкциите ќе им забранат на членовите на единицата да добијат воена поддршка или американска обука, објави Axios, цитирајќи свои извори.
Американски официјален претставник рече дека одлуката на Блинкен во врска со единицата се заснова на случаите што се случиле на Западниот Брег пред нападот на Израел на 7-ми октомври од страна на Хамас.
Според израелските медиуми, единицата е поврзана со десничарскиот екстремизам и насилството врз Палестинците. Израел ја повлече единицата од Западниот брег во декември 2022 година.
Израел ја презеде контролата врз Западниот брег и Источен Ерусалим во ткн Шестдневната војна во 1967 година, кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински територии на кои треба да се формира идната држава Палестина. Денес таму живеат повеќе од 600.000 израелски доселеници во нелегалните доселенички населби, што е исто така стратегија на Израел која е остро критикувана од странските сојузници на еврејската држава.