Уреди за надзор и следење кои се лоцирани во близината на Белата куќа и други чувствителни локации во Вашингтон во текот на изминатите две години, веројатно, биле поставени од тајните служби на Израел, изјавиле тројца поранешни високи американски функционери, пренесува изданието Politico во четвртокот.
Меѓутоа, за ралика од повеќето други прилики кога се откриени јасни инциденти на странско шпионирање на американска почва, администрацијата на претседателот Трамп не протестирала кај израелската влада и немало никакви последици поради ваквото однесување на Израел, рекол за изданието еден поранешен функционер.
Според прилогот, уредите за следење на комуникациите на мобилните телефони, најверојатно, биле наменети за шпионирање на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Но уште не е јасно дали израелските обиди биле успешни.
Портпаролот на израелската амбасада во Вашингтон, Елад Строхмејер, кој е цитиран во написот одговорил дека „овие тврдења се апсолутни глупости. Израел не спроведува шпионски операции во Соединетите држави“.
Но Politico наведува дека врз основа на детална форензичка анализа, Федералното биро за истраги (FBI) и другите агенции кои работеле на случајот се убедени дека израелски агенти ги поставиле уредите, како што тврделе неговите соговорници запознаени со случајот, од кои некои биле на врвните позиции во разузнавачките и служби за национална безбедност.
Минијатурните уреди за следење, попознати како „ StingRays“ имитираат сигнали на вообичанието мобилни антени за да ги измамат мобилните телефони да им ги предадат податоците за локацијата и информации за идентитетот. Формално наречени меѓународно индивидуални претплатници или ловиц на IMSI, тие исто така може да ја доловат содржината на повиците и користењето на податоците.