Израелската војска објави во средата утрото дека извела воздушни удари врз 25 позиции на палестинската исламистичка организација Хамас во енклавата Појасот Газа откако палестинските милитантни истрелале 45 проектили врз Израел.
До најновата размена на оган, која се одиграла пред мугрите, дојде во моментите додека се засилуваат обвинувањата против Израел за смртта на околу 130 Палестини од 30-ти март по должината на границата меѓу Појасот Газа и Израел на којашто Палестинците масовно протестираат. Засега нема извештаи за жртви и настрадани во најновите размени на оган од двете страни.
Израелските борбени авион бомбардирале 25 цели, вклучително и воени позиции на Хамас, објави израелската армија. Хамас, кој од 2007 година е на власт во Појасот Газа, меѓутоа, не ја презема одговорноста за ракетирањето, иако досега редовно тоа го прави. Помалите милитанти групи, како што е Исламски џихад, дејствуваат спорадично и независно од Хамас, и во минатото истрелуваа ракети врз израелска територија. Но, израелската војска последното ракетирање му го припиша на Хамас истакнувајќи дека движењето е „одговорно за сето што се случува во Појасот Газа и ќе понесе последици за намерно ширење на својот терор кон израелските граѓани“.
Последните месеци Палестинците преку границата во Појасот Газа упатуваа змејови со запалливи материи кои предизвикуваа пожари на израелските земјоделски и шумски површини. Околу два милиона луѓа живеат во Газа, повеќето бегалци од областите кои се окупирани од Израел според меѓународната заедница. Територијата е под контрола на Хамас кој воено го истисна од енклавата ривалското палестинско движење Фатх пред една деценија и оттогаш водеше три војни со Израел.