Израелските избирачи во вторникот повторно ќе излезат на избирачките места, на петтите парламентарни избори за само три ипол години, на коишто опозицискиот лидер Бенјамин Нетанјаху се надева на враќање на премиерската должност.
Четириесет партии учествуваат на 25-те избори за Кнесетот, но се очекува дека само третина од нив ќе го минат изборниот праг од 3,25 отсто од гласовите. По затворањето на избирачките места, првите прогнози врз основа на излезните анкети ќе бидат објавени околу 21 часот. Меѓутоа, конечните резултати не се очекуваат пред четврток.
Околу 18.000 полицајци се распоредени на изборниот ден за да ја осигурат безбедноста на 6,8 милиони избирачи со право на глас ширум Израел.
Според последните анкети, партијата на Нетанјаху, десничарскиот конзервативен Ликуд, повторно може да стане најсилната партија во парламентот – Кнесетот. Меѓутоа, останува нејасно дали неговата десна коалицијата ќе го осигура мнозинството потребно за составување влада.
Во објава на Twitter во понеделникот Нетанјаху предупреди на трендот на пад на довербата во последните анкети и ги повика своите приврзаници да излезат на изборите. „Победата е на дофатот на раката“, порача најдолговечниот израелски премиер.
Според последните предизборни анкети објавени во петокот, блокот околу Нетанјаху би можел да освои 60 од 120 мандати. Тоа повторно би создало пат ситуација со противничкиот табор на актуелниот премиер Јаир Лапид. Неговата Партија на иднината (Јеш Атид), која е во политичкиот центар, може да биде втората по сила во Кнесетот. Таборот против Нетанјаху е составен од партии од целиот политички спектар, од десницата преку центарот до левицата, и сака да го спречи неговото враќање на чело на владата.
Педесет иосумгодишниот Лапид во понеделникот на Twitter објави дека Израелците „заслужуваат влада на чесни и вредни луѓе кои вредно работат за нив“ и се изјасни противи внатрешните поделби. Се залага и за создавање независна палестинска држава.
Политичкиот пејзаж во Израел е многу фрагментиран и воден од интереси. Ниту партиите од сличните табори често не се во состојба да склучат коалиции.
Покрај разликите во идеологиите и содржините, постојат и многу лични спротиставенсоти. На пример, односот на Нетанјаху со другите главни личности во десничарскиот табор се смета исклучително лош. Покрај тоа, на Нетанјаху последните години му се суди поради корупција, што тој го отфрла.
Слично како и на минатогодишните избори, може да минат седмици и месеци пред да биде формирана новата израелска влада. Сѐ додека не биде составена новата влада, Лапид ќе биде на должноста преоден премиер.
Враќањето на 73-годишниот Нетанјаху зависи од тоа дали ќе пронајде сојузници. Претходно веќе неколкупати потфрли во обидите за коалицирање. Овојпат како можна групација се гледа екстремно десниот сојуз на Бецалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир. Нивната Религиска ционистичка партија (Ткума-Ихуд Леуми) има потенција да биде третата најпопуларна партија во земјата.
Доколку една од помалите партии во таборот на Лапид не успее да го мине изборниот праг од 3,25 отсто за влез во Кнесетот, тоа може да го отвори патот за ултрадесничарската влада којашто ќе ја води Нетанјхау.
Одѕивот на арапското населени во Израел, исто така, се смета заклучен. Арапското малцинство сочинува околу 20 отсто од околу 9,4 милиони граѓани на Државата Израел.
Израел се наоѓа во политичка криза којашто трае со години. Претходните неколку избори доведуваа до нејасно мнозинство. Моменталната коалиција од осум партии предводена од поранешниот премиер Нафтали Бенет се распадна во јули, откако го загуби мнозинството по само 12 месеци на власт. Потоа, министерот за надворешни работи Јаир Лапид ја преземе должноста шеф на владата.