Израел продолжи со борбите по завршувањето на примирјето, го обвини Хамас за прекршување

Израелската војска соопшти дека во петокот ја продолжи борбата против Хамас во Појасот Газа, откако ја обвини палестинската милитантна група дека го прекршила седумдневното привремено примирје со пукање на израелска територија.

Седумдневната пауза, која започна на 24-ти ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници држени во Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во разурнатиот крајбрежен Појас Газа.

Еден час пред да заврши примирјето во 7 часот наутро, Израел соопшти дека наводно пресретнал ракета истрелана од Газа. Дополнително предупредувачки сирени за ракетен напад повторно се огласија во израелските области во близина на Газа само неколку минути пред крајниот рок, соопшти израелската војска.

Палестинските медиуми известија за израелски воздушни и артилериски напади врз енклавата по истекот на прекинот на огнот. Хамас немаше никаков коментар или преземање одговорност за лансирањето за што го обвини израелската војска.

Катар и Египет вложуваат интензивни напори за продолжување на примирјето откако во четвртокот ја разменија последната група од осум заложници и 30 палестински затвореници. Израел претходно го постави ослободувањето на 10 заложници дневно како минимум што би го прифатил за да ги запре копнените напади и бомбардирањата.

 

Црвена полумесечина: Повеќе од 300 камиони донесоа помош во северниот дел на Газа

Палестинската Црвена полумесечина претходно објави дека 310 камиони со хуманитарна помош успешно стигнале до северниот дел на окупираниот Појас Газа, кој Израел силно го бомбардира.

Добротворната организација објави на мрежата X, дека животоважните продукти како храна, храна за бебиња и ќебиња биле доставени до илјадници луѓе на кои им е потребна. Само претходниот ден, 56 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во градот Газа и северните области на Појасот Газа.

До почетокот на примирјето пред точно една седмица, Израел ја насочуваше својата воена акција против исламистичката организација Хамас во северниот дел на Газа. На речиси милион луѓе им беше наредено да побегнат во јужниот дел на Газа. Меѓутоа, во масовните бомбардирања загинаа и илјадници цивили, а беше гаѓан и југот на енклавата.

Од почетокот на прекинот на огнот, кој оттогаш беше продолжен до петок наутро, повеќе од 1.000 камиони со помош пристигнаа во крајбрежната област. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека до вчера 1.132 камиони со хуманитарна помош влегле во Појасот Газа преку Рафах, единствениот граничен премин отворен за помош.