Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, првпат потврди дека Израел стои зад атентатот на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Техеран ова лето, пишува Times of Israel.
На комеморацијата за припадниците на израелските безбедносни служби, Кац им се закани на Хутите во Јемен, откако бунтовничката група поддржана од Иран продолжи да врши напади врз Израел.
Кац истакна дека Израел ги поразил Хамас, Хезболах и, како што вели, ги заслепил одбранбените системи во Иран, го соборил режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и нанел тешки удари на „оската на злото“ и жестоко ќе ја нападне „терористичката организација Хути“ во Јемен, „последната преостаната“.
„Ќе ја нападнеме стратешката инфраструктура (на Хутите) и ќе ги обезглавиме нивните лидери. Она што го направивме со Ханије, Синвар и Насрала, во Техеран, Газа и Либан, ќе го направиме и во Ходеида и Сана“, рече Кац алудирајќи на убиените лидери на Хамас и Хезболах.
Ханије беше убиен на крајот на јули во Техеран, а Иран го обвини Израел за неговата смрт, иако израелската страна никогаш не го потврди тоа.